Двојазичност – за македонско-албанско (не)разбирање
ДУИ на Али Ахмети заговара примена на решенија што би биле преземени од белгискиот федерален модел, а со што би се овозможила регионална админстративна поделба и зацврснување на „извојуваниот“ статус на албанскиот како втор службен јазик во државата. Но кои се тие позитивни искуства од едно друго историско и општествено поднебје на кои во ДУИ гледаат со розови очила?
Двојазичноста, или повеќејазичноста, која постои и функционира во некои земји во Европа, во основа е резултат е нужни компромиси, произлезени од комплексна историска проблематика. Но би било далеку од вистината да се тврди дека таквите решенија на најширок план успеваат да ги неутрализираат незадоволствата и нетрпеливоста меѓу етничките и јазични заедници.
ДУИ на Али Ахмети заговара примена на решенија што би биле преземени од белгискиот федерален модел, а со што би се овозможила регионална админстративна поделба и зацврснување на „извојуваниот“ статус на албанскиот како втор службен јазик во државата. Но кои се тие позитивни искуства од едно друго историско и општествено поднебје на кои во ДУИ гледаат со розови очила?
„Единството дава сила“, е националната девиза на Белгија. Но прашање е колкумина тие зборови ги изговараат и доживуваат со ентзијазам. Долгорочно гледано не можат да се исклучат ризиците земјата да биде поделена токму преку јазичните граници, меѓу регионите Фландрија, во кој се зборува холандски, и Валонија, каде што доминира француски. Не е мал број на песимистите кои не веруваат дека Белгија како држава и понатаму ќе постои по педесет години.
Станува збор главно за две тези кои ја продлабочуваат дистанцата меѓу регионалните заедници. Од една страна се тврди дека нештата отишле толку далеку така што е невозможно да се изнајде одржливо решение. А суштината на другата теза е дека решенијата се можно, но за тоа е потребена, пред сè, политичка волја.
Политичката ситуација во Белгија е постојано компликувана. Земјата има три влади: фламанска, валонска и белгиска. Дистанцата меѓу оние кои зборуваат холандски и оние од француското говорно подрачје е голема. Таква е и поделбата меѓу избирачите, кои гласаат врз етничко-национална и јазична основа, за партиите во својот регион. Тие што потоа се среќаваат во белгискиот парламент во Брисел, зборуваат на својот јазик со директен превод, додека спикерот или министрите најчесто зборуваат и на двата јазика наизменично. Неколку реченици на холандски, па истото потоа на француски, или, пак, обратно. Јазичната припадност и посебност е централниот израз на политичката волја.
Еден друг пример за двојазичност на сите нивоа во општеството е секако Финска, која е земја со унитарно уредување и со два, како што тоа се вели во Финска, национални јазика, кои се во службена употреба. Во Финска, која во долг историски период била дел и под влијание на шведската кралска империја, денес живеат околу пет проценти фински Швеѓани, сконцентрирани главно на помал простор во западните и јужните крајбрежни делови на земјата. Но и покрај релативно малиот удел во вкупното население, се уште ги уживаат своите јазични права, така што можат да им се обраќаат на институциите на својот мајчин шведски јазик и да добиваат услуги на истиот.
И во финскиот парламент во Хелсинки пратениците со шведско потекло зборуваат на својот јазик со директен превод, а и највисоко позиционираните политичира, како, на пример, претседателот Александер Стуб, немаат никаков проблем доколку во интевју за Шведската телевизија не зборуваат на фински, туку на шведски.
Но дали е тоа израз на добра волја за негување добресоседски односи, и израз на историското наследство во регионот, е прашање кое е секако дискутабилно. Зависно кого ќе го прашате. Малку е веројатно дека некој во редовите на националистичката десничарска партија Вистински Финци гледа со симпатии на таквиот пристап во меѓудржавните односи.
Во изминатите години се зголемува бројката на оние кои задолжителната настава по шведски јазиик, – за учениците чиј мајчин јазик е фински, кои, всушност, се припадници на големото мнозинство жители во земјата (околу 87 отсто се Финци), – ја нарекуваат наметнат, „принуден шведски“ („pakkoruotsi” на фински). Иако засега се чини дека двојазичноста во Финска не е загрозена, за очекување е дека заострувањето на дебатата околу ова прашање ќе продолжи во наредните години. Двојазичност во институциите и образованието постои, но доколку барате работа во Финска, и се надевате на успешна кариера, е најдобро да се „наоружате“ со солидно познавање на финскиот јазик. Доколку, се разбира, не сакате да ризикувате да бидете маргинализирани.
Уште еден интересен пример е Луксембург, земја во која се во употреба три јазици – луксембуршки, како прв државен јазик, како и француски и германски. Законот за употреба на државниот луксембуршки јазик е напишан на француски затоа што францускиот се применува како официјален јазик во сферата на законодавството во Луксембург. Но луксембуршкиот е јазик во секојдневниот живот. Уличните табли и натписи вообичаено се напишани на луксембуршки. Образованието во основните училишта се одвива на луксембуршки, а изучувањето на францускиот започнува во второ одделение. Од деветото одделение ученикот може да избере дали сака да го продолжи образованието исклучиво на луксембуршки или на француски.
Во зоните на двојазичноста во Европа во последните години сè понагласено се провира и Македонија. Прашање е кои од посочените европски искуства се применливи во македонското мултиетничко општество, имајќи го предвид специфичниот историски контекст на земјата. Дали за „освојување“ на статустот на албанскиот јазик во Македонија беше неопходно да се потегне оружје, е прашање кое и понатаму повлекува контроверзи. Но прашање е и дали е воопшто реално да се дискутира за некакво федерално регионализирање на Македонија, со оглед на фактот дека албанската етничка заедница главно живее во западните делови на земјата, во кои процентот на Македонците и на граѓаните кои го зборуваат македонскиот јазик и понатаму е релативно висок. Како би биле повлечени тие етнички, регионални граници?
Многумина сметаат дека пресудна улога за доближување на двете јазично дистанцирани заедници во Белгија, ќе биде зголемувањето на бројката на двојазични, холандско-француски училишта, а што како процес е веќе во тек. Дали тоа ќе се покаже како вистински рецепт за намалување на психолошката бариера на меѓуетничката нетрпеливост и исклучивост во фаворизирањето на „своето“, ќе покаже иднината.