ДВЕТЕ РЕШЕНИЈА ЗА МИЈАЛКОВ СЕ ВО СИЛА Адвокатот Давидовиќ го обвини министерот за правда дека влијаел врз судиите
Според адвокатот Давидовиќ, Основниот суд не може да ја укине гаранцијата затоа што решението на Апелацискиот суд е правосилно и е во сила.
Адвокатот Звонко Давидовиќ информира дека е поднесена жалба на мерката притвор за поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков за предметот „Плацеви на Водно“ и најави дека ќе бидат употребени сите правни алатки кои ѝ стојат на располагање на одбраната.
– Треба да се знае дека вчера беа донесени две решенија, спротивни едно на друго, а правило е дека решение на определен суд може само во законска постапка да се поништи од повисок суд. Вчера, за жал, се случи Основниот кривичен суд Скопје да стави вон сила решение на Апелацискиот суд кој е повисок суд од него. Апелација ја прифати гаранцијата и ги проценуваше сите околности и предмети за обвинетиот, но за жал Основниот суд го држеше обвинетиот надвор од законот без каков било правен основ неколку часа во притвор, затоа што првосилноста на решението на Апелацискиот суд беше во 14 часот, а дури околу 21 часот му го врачија новото решение во кое му се определува притвор затоа што има веќе изречени две казни, без да се наведе дека не се правосилни, дека се води истрага која се води 100 години, најверојатно се мисли на „Империја“ – изјави Давидовиќ денеска пред Кривичниот суд.
Срамно е, како што истакна тој, за „Плацеви на Водно“ каде што нема никаков доказ за обвинетиот Мијалков освен еден наместен сведок кој бил противречен со сите други сведоци и материјални докази, да се определи притвор.
– Но гледајќи ја целата ситуација во која министерот за правда направи невиден политички притисок како извршна власт и врз судството и врз Судскиот совет, само се покажува дека извршната власт не е подготвена да се откаже од влијанието врз судската власт – изјави Давидовиќ.
Според него, Основниот суд не може да ја укине гаранцијата затоа што решението на Апелацискиот суд е правосилно и е во сила.
– Во сила е решението на Апелацискиот суд, во сила е и решението на Основниот кривичен суд. Од таа причина ние не можеме да ја избришеме гаранцијата. Затоа и гаранцијата и целиот имот е под хипотека – додаде тој.
Давидовиќ посочи дека Судот не го зел предвид тоа што компаниите, односно имотот којшто е влезен во гаранцијата која е запишана и која е правосилна обезбедува плати и придонеси на повеќе од 350 вработени семејства во Републикава и од кои државата добива приход по однос на даноци и акцизи, поголеми износи коишто и самиот суд ги наведува во решението.
– Во спротивна насока ги цени како можност за бегство, а не како можност дека токму тоа што тој овде има основано свој бизнис нема намера, ниту волја да се даде во бегство – додаде тој.