ДВЕТЕ БРУТАЛНО ПРЕТЕПАНИ ЖЕНИ НЕ СЕ ЧУВСТВУВААТ ЗАШТИТЕНИ „Полицијата дојде после 2 часа, заедно со полицајци пријатели на тепачот“
МВР соопшти дека го привела насилникот, кој го признал делото, но Мелиса Захитовиќ открива шокантни детали за однесувањето на полицијата од Петровец и се сомнева дека имало обид да се заштити тепачот.
Мелиса Захитовиќ, образовен aсистент во училиштето ОУРЦ „Иднина“, на Фејсбук се пожали дека вчера околу 18:30 часот, во Петровец, таа и нејзината мајка доживеале брутален физички напад од соседот.
„Државо? Насилникот кој мене и мојата мајка физички брутално не нападна во мојот двор на 27.04. 2023 г., удирајќи не со тупаници и со нозе, влечејќи не за коса и удирајќи не со стапалото во лице, е на слобода и се шета слободно! Уште колку лица треба да бидат физички нападнати од тој монструм, за оваа држава да реагира?“, напиша Мелиса.
Во меѓувреме, МВР се огласи со соопштение: „Веднаш по добиената пријава од М.З. дека на 27.04.2023 во дворот пред нејзиниот дом во Петровец била физички нападната од Е.Л. од Петровец, кој потоа ја нападнал и нејзината мајка З.З., преземени се соодветни мерки и активности. Е.Л. е лишен од слобода и во службен разговор во полициска станица го признал делото. Известен е јавен обвинител и против Е.Л. по документирање на случајот ќе биде поднесена кривична пријава за кривично дело насилство по член 386 од КЗ“.
Жените сведочат дека со години трпеле психичка тортура и константни закани по живот од соседот, од неговиот поголем брат и од останатите членови од фамилијата.
Мелиса Захитовиќ се обратила и со писмо до Канал 5, во кое, меѓу другото, пишува:
„Живееме во страв и трепет секоја секунда плашејќи се за својот живот. Полицијата апсолутно не презема ништо. Откако бевме физички нападнати, удирани со клоци и нозе по глава и тупаници по лицето и горните екстремитети, додека неговите 5 малолетни деца го гледаа целиот настан кој траеше отприлика 10-15 минутуи без престан, дотичниот потоа се упати кон полициската станица во Петровец за да не пријави нас двете. Додека јас на лице место повикав полиција, полицијата дојде после 2 чaсa, заедно со соседот, додека неговите пријатели полицајци од полициската станица да дојдат на смена.
Во меѓувреме, три пати ја барав полицијата, плачејќи и молејќи за итна помош. Полициските службеници се однесуваа дрско преку телефон велејќи ‘патролата е одамна пратена, чекајте’, додека од итната помош ме бараа велејќи ‘ништо не ти е, измиј се со вода, ќе помине“. Ве молам!
Зарем треба да згасне нечиј живот и потоа да се разбудиме?! Кога ќе престанат мажите да креваат рака врз жена?! Стоп за насилството врз жени!“
Од МВР засега нема објаснување на забелешките на полициското постапување што ги соопшти жртвата Мелиса Захитовиќ.