ДВЕ ПРЕТСТАВИ ОТСКОКНАА „Медеја“ и „Чудна случка…“ со по 5 награди на „Војдан Чернодрински“

257

Претставата на Народниот театар од Битола „My Name is Medeja“ ја доби наградата за уметничко остварување во целина на 57. Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп и е прогласена за најдобра од 10-те претстави во официјалната програма.

Претставата на битолскиот театар ги понесе и наградите: за најдобра режија за Себастијан Хорват, за најдобра главна женска улога за Илина Чоревска за улогата на Медеја, за најдобра музика за Драго Ивануша и за најдобар рекламен материјал на Сашо Илковски за оваа претстава.






Се издвои и претставата на Драмски театар од Скопје „Чудна случка со кучето во ноќта“ која исто така освои 5 награди, и тоа: за Дамјан Цветановски за најдобра главна машка улога, за Емилија Мицевска за најдобра женска епизодна улога, Константин Трпеноски за најдобра сценографија, а Елена Вангеловска и Раде Василев за најдобра костимографија.

Претставата на Турскиот театар од Скопје „Човек перница“ ги доби наградите за најдобар млад актер „Трајко Чоревски“ – Хакан Даци и за најдобра машка епизодна улога – Дин Ибрахим.

Лидија Митоска-Ѓорѓиевска ја доби наградата за современа сценска драматизација на претставата на прилепскиот театар „Мистерија Буфо“, а Матеа Јанковска е добитник на наградата млада актерка од претставата „Роња, ќерката на ограбувачот“ на Театар за деца и младинци од Скопје.

Одлуката за наградите ја донесе меѓународното жири во состав: Јанко Љумовиќ од Црна Гора, претседател, и Милош Љумовиќ и Мирослав Мики Радоњиќ, членови кои доделија 15 награди. Не се додели само наградата за текст.

Уметничкиот директор Љумовиќ истакна дека „My Name is Medeja“ и „Чудна случка со кучето во ноќта“ се издвојуваат по својата естетика и по истражувачкиот театар што во нив го има. Жирито се согласи дека македонскиот театар треба да продолжи да истражува, дека актерската игра била најдоброто во сите претстави. Тие порачаа театарските менаџери повеќе да се фокусираат на домашната драма.

– Естетските и уметничките квалитети на претставата на Битолскиот театар, и ставот на режисерот Хорват кој влегува во проблемите на современоста се нешто импресивно кои ја означуваат мисијата на театарот денес. Денешниот театар ја промислува современоста преку стварноста. Очигледно има две претстави кои се издвојуваат. Тие претстави покажуваат високо постигнат уметнички резултат, ансамблите исклучително го изнесоа режисерскиот концепт – истакна Љумовиќ.

Наградите на добитниците ќе им бидат врачени вечерва во 20 часот во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп, а во нивна чист, Српското народно позориште од Нови Сад ќе ја изведе претставата „Последниот балкански вампир“ од Дејан Дуковски, во режија на Александар Поповски. Со ова ќе биде затворен 57. Македонски театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ кој годинава донесе богата програма.

 

Поврзани содржини