ДВЕ НЕПРИНЦИПИЕЛНИ КОАЛИЦИИ ИЛИ ДВА ЕСАПА БЕЗ КРЧМАР Што можат Стевчо Јакимовски со поддршка од СДСМ во Карпош и Јована Мојсовска со гласовите на Македонците во Струга?

Во политиката два и два не се секогаш четири, ама секогаш е попаметно човек да се држи до најверојатниот резултат на оваа едноставна равенка. СДСМ и Левица можеби прават чудни комбинации, кои некому му изгледаат „генијално“, но сите забораваат една важна работа – ни партиите ни кандидати не ги чуваат гласовите на своите членови и симпатизери во џебот, па да ги насочуваат како ќе им текне.

1,336

Две непринципиелни коалиции би можеле да ги замрсат сметките на главните фаворити на локалните избори во скопската општина Карпош и во Струга, тврдат добро упатени извори. Но, сосема друго прашање е дали тие наводни договори „под маса“ ќе се одразат и врз очекуваните конечни резултати во овие општини.

Може ли Стевчо Јакимовски да биде скриениот кандидат на СДСМ за Карпош?






ВМРО-ДПМНЕ, чиј кандидат Сотир Лукровски е сигурен патник во вториот изборен круг во Карпош, отворено почна да го нарекува Стевчо Јакимовски кандидат на СДСМ, поточно на Венко Филипче и на Зоран Заев. Партијата истовремено го маркира Јакимовски како „симбол на корупцијата“, потсетувајќи дека тоа е причината поради која тој се најде на црната листа на САД.

Според некои шпекулации, планот бил раководството на СДСМ на Јакимовски уште сега да му помогне да влезе во вториот изборен круг, а потоа на неговото конто да завршат сите гласови на поддржувачите на СДСМ. Маја Мојсовска, кандидатката на Венко Филипче, деновиве како да не постои во кампањата, што укажува дека е можно на Бихаќка да постои таков план.

Блискоста на Стевче Јакимовски со Зоран Заев датира од 2013 година. Тогаш тој, Заев и сдсмовските градоначалници на Куманово и на Охрид, Зоран Дамјановски Циц и Александар Петревски, го минираа планот на Бранко Црвенковски за бојкот на локалните избори. СДСМ доживеа дебакл и остана само на тие четири општини, а Црвенковски потоа го напушти кормилото на СДСМ. Но, факт е дека од тогаш помина многу време и Стевчо Јакимовски, како прагматичен политичар, во еден подолг период оствари блиска соработка со ВМРО-ДПМНЕ.

Упатените велат дека Заев и Филипче сега одлучиле да ги искористат старите релации со него, без оглед што тој е осуден во прв степен на затворска казна, во еден процес за кој малку кој веруваше дека ќе заврши со осудителна пресуда. Заев наводно би можел да ги ангажира своите активни инсталации во судството да му помогне на Јакимовски, под услов тој, со поддршка од околу 2.000 гласови „подарени“ од СДСМ, да влезе во вториот круг и потоа со заеднички сили (во кои некои ги калкулираат и гласовите што би ги освоила Левица во првиот круг) да го победат вмровскиот кандидат Лукровски.

Да не се прекомбинирале Заев и Филипче?

Тоа е есапот што наводно се прави во најтесните кругови во раководството на СДСМ. Но, може да се случи тоа да е есап без крчмар. Од една страна, сдсмовската база во Карпош не е за потценување и големо прашање е дали е можно гласовите на симпатизерите на оваа партија лесно да се пренасочат кон Јакимовски. Од друга страна, прашање е дали и самиот Јакимовски би влегол во ваква комбинација, ако пресмета дека зијанот од неа би бил поголем од користа.

Јакимовски за Плусинфо вели дека нема таков договор со СДСМ и објаснува:

– Доколку има втор круг, очекувам поддрпшка од сите граѓани, а пред сè од опозициските партии. Очекувам поддршка од чесни, објективни членови на ВМРО-ДПМНЕ, кои се оградуваат од Мицкоски и од кандидатот за градоначалник за кој сметаа дека е несоодветен и кои се незадоволни од катастрофалната советничка листа. Впрочем, доколку ја следевте мојата промоција, слоганот е „Да го одбраниме Карпош, да го сочуваме достоинството“, зашто живеењето во Македонија стана недостоиснтвено за сите.

Што бара Левица во Струга?

Ситуацијата во Струга, пак, се искомплицира кога Левица неочекувано реши да ја кандидира Јована Мојсовска за градоначалничка на овој град. Бидејќи етничката дистрибуција на гласовите на избирачите во Струга јасно упатува на тоа дека фотелјата на Рамиз Мерко секако ќе му припадне на кандидат Албанец, се јави дилемата што сака да постигне Левица со овој потег.

Аналитичари велат дека постојат етнички мешани општини во Македонија каде што солиден кандидат Македонец би имал добри шанси да стане градоначалник. Евентуалната „грижа“ за „напуштените“ Македонци во Западна Македонија – ако е тоа наративот на Левица – многу повеќе може да се демонстрира со евентуални победи, или макар со добри резултати на кандидати Македонци, во општини како Брвеница, Теарце или Јегуновце, на пример, а не со беизгледните битки за Струга, за Тетово и за Гостивар.

Тезата на критичарите на Левица е дека оваа партија во Струга сака да ги собере гласовите на Македонија, за да го намали контингентот избирачи што ќе се определат против ДУИ. Тоа веќе личи на „договор под маса“.

Вреди: Тоа е коалиција на срамот!

Изет Меџити и Вреди немаат дилеми околу тоа што се крие зад овој потег на Левица. Според нив, кандидатурата на Јована Мојсовска во Струга е „печат на срамниот договор што го смислија луѓето на Али Ахмети со Левица, со единствена цел да ја спречат победата на Менди Ќура во првиот круг. Темниот договор што е постигнат помеѓу посредникот на Ахмети, Кренар Лога, и лидерот на Левица, Димитар Апасиев, вклучувајќи ја и неговата генерална секретарка, Јована Мојсовска, не е ништо повеќе од тешко предавство на стружани“.

Вреди тврди дека соработката меѓу ДУИ и Левица не е политичка новина.

– Тој сојуз на срамот функционира веќе три години во градот Скопје, правејќи ја ДУИ единствената партија што соработува со субјект јавно прогласен како анти-НАТО и анти-ЕУ. Ниту една македонска партија не сака да соработува со Левица, да ги има за партнери, само ДУИ го прави тоа, досега во главниот град, а веќе и низ другите градови со мнозинство на населението Албанци – изјави Изет Меџити.

Кандидатот на ДУИ за градоначалник на Чаир, Бујар, Османи остро реагираше на новиот бран обвинувања дека ДУИ наводно има коалиција со Левица, оценувајќи ги ваквите конструкции како „очајнички обиди на Вреди да го ублажи ударот од претстојниот изборен пораз“.

Го заборавија Рамиз Мерко, а тој им се одмазди

Ако евентуалниот „договор под маса“ за Струга навистина бил Јована Мојсовска да ги „собере“ македонските гласови и така да му ја зајакне позицијата на кандидатот на ДУИ Арсим Далипи (кадар на Зијадин Села), тој план би можел да се изјалови по најновата постапка на актуелниот градоначалник на Струга, Рамиз Мерко, кој отворено се изјасни за поддршка на независната листа за Советот на Струга.

Откако Али Ахмети реши политички да го пензионира Рамиз Мерко, овој му го сврте грбот на ДУИ во најчувствителниот момент, непосредно пред почетокот на кампањата.

Доколку се случи Јована Мојсовска да не успее да влезе во вториот изборен круг, за што постои голема веројатност, тогаш целиот план губи смисла – тешко е да се замисли дека Левица јавно би ги повикала своите гласачи за кандидат на ДУИ со намалени шанси во однос на кандидатот на Вреди. Зошто Македонците би ги „гореле“ своите гласови за кандидат Албанец кој нема да успее?

(Напомена: Во врска со оваа тема, поставивме прашање до Левица. Одговорот ќе го објавиме штом ќе го добиеме.)

Поврзани содржини