ДВЕ ЛЕТНИ СЦЕНИ ЌЕ СЕ ГРАДАТ ВО ГРАДСКИОТ ПАРК Во пресечен конус скопјани културно ќе се издигаат
Едната ќе се наоѓа спроти Сточарскиот институт во вториот дел во Градскиот парк, а другата во непосредна близина на езерцето, спроти Кајак кану клубот „Илинден 90“.
Град Скопје и отвори две летни отворени сцени во зелениот појас на Градски парк во Скопје. Едната ќе се наоѓа спроти Сточарскиот институт во вториот дел во Градскиот парк, а другата во непосредна близина на езерцето, спроти Кајак кану клубот „Илинден 90“.
– Првата летна сцена ќе биде отворена сцена составена од неколку делови и тоа од армирано бетонска бина или подиум подигнат 40 сантиметри над теренот, челична носечка конструкција со два зглоба анкерувани во армирано бетонската подлога со челични папучи заварени за неа во кои налегнуваат дрвените талпи поставени како изводници на коноид врз челичната носечка конструкција. Гледалиштето ќе се оформува со преместување на трибините кои, во оној период кога нема организиран настан на сцената, се поставени околу стеблата на поголемите дрвја кои се наоѓаат на локацијата и имаат улога на урбана опрема, клупи наменети за посетителите на паркот – велат од Градот.
Втората сцена ќе биде во вид на пресечен конус.
– Кај оваа сцена аудиториумот е вкопан со цел да се задоволат стандардите за непречено следење на сценската изведба. Секој ред е со широчина од 160 сантиметри и освен за седење може да се користи за понеформални собири и токму поради тоа не е предвидено поставување столчиња или друга опрема – информираат од Градот.
Изведувањето на сцените е според наградените трудови на конкурсот што Град Скопје го распиша минатата година.