ДВЕ КЛИНИКИ ДОБИЈА НОВИ ДИРЕКТОРИ Чибишев ќе ја води Токсикологија, Меџити – Неврологија
За оние 1.200 вработени со договор на дело, на кои им беа истечени договорите ќе се разговара со Министерството за финансии за да бидат вработени.
Министерот за здравство Арбен Таравари при посетата на Здравствениот дом Скопје информираше дека д-р Андон Чибишев и д-р Фатмир Меџити се нови директори на Токсикологија, односно на Неврологија.
Тој потенцираше дека до денес разрешени се 9 економски директори на повеќе скопски клиники.
– Не ги памтам сите, но меѓу нив е и економската директорка (Бесија Иљази) на Токсикологија. Назначен е и новиот директор и утре се надевам дека ќе започне. Професор Андон Чибишев е новиот директор на Токсикологија. Утре се надевам дека ќе назначиме и директор на Онкологија бидејќи таму решението за в.д. директорка е поминато од средината на јуни. Има и нов директор на Неврологија, а тоа е бившиот министер за здравство, Фатмир Меџити – изјави Таравари.
Според него, утврдени се неправилности во работата на Иљази на Клиниката за токсикологија.
Целта, рече, е повеќе да нема економски директори на клиниките. Тој додаде дека наскоро ќе биде познат и новиот медицински директор на Клиниката за онкологија.
За оние 1.200 вработени со договор на дело, на кои им беа истечени договорите ќе се разговара со Министерството за финансии за да бидат вработени.
– Ќе има многу нови вработувања во здравството. Сакаме сите 1.200 да ги задржиме на работа. Истото сакам да го сториме и за приватните специјализанти кои сакаме да ги задржиме кај нас, а не да ни побегнат во странство. Се надевам дека до крајот на годината ќе имаме нови вработувања онаму каде што се потребни кадри, но тие на почеток ќе бидат со договор на дело. Во иднина ќе направиме и тие да добијат решенија за вработување во нашето здравство, а не квалитетните кадри да ни бегаат – додаде Таравари.
Министерот изјави дека наскоро ќе има промени и на некои други медицински директори во здравствените установи, но рече дека нема да брзаат со одлуките, туку ќе се разговара за да се најдат најдобрите решенија, а од тоа бенефит да имаат граѓаните.