ДВЕ ГОДИНИ ПАНДЕМИЈА, ТОВАРОТ ЗА ВРАБОТЕНИТЕ Е НА КОМПАНИИТЕ Новиот товар со ПЦР тестови финансиски ќе ги загрози бизнисите, смета ССК
Сојузот на стопански комори смета дека проблемот е нагласен поради тоа што не се работи за еднократен трошок, за да би можеле деловните субјекти да калкулираат во своите пресметки, како што се на пример редовните систематски прегледи за вработените, туку се работи за константно повторување на секои 72 часа, што е тотално несправедливо.
Целосно е неприфатливо товарот за задолжително тестирање за оние кои не сакаат да се вакцинираат да падне на претпријатијата, смета Стојузот на стопански комори (ССК).
Од ССК велат дека компаниите и така се во лоша финансиска состојба со сериозно намалена ликвидност, бидејќи голем дел од обврската за да се задржат вработените и да се одржи деловната активност во услови на криза е токму на работодавачите.
– Во услови на инфлација, раст на цените на сите суровини и репроматеријали, стотици парафискални давачки, наместо олеснување и креирање на политики за економско заздравување, ваквото наметнување на нов трошок за ПЦР тестови само ќе придонесе за згаснување на претпријатијата и продукција на зголемен број на невработени лица кои ќе паднат на товар на државата. Проблемот е нагласен поради тоа што не се работи за еднократен трошок, за да би можеле деловните субјекти да калкулираат во своите пресметки, како што се на пример редовните систематски прегледи за вработените, туку се работи за константно повторување на секои 72 часа, што е тотално несправедливо – велат од ССК.
Според ССК со најавата за задолжителна вакцинација во приватниот сектор, се добива впечаток дека проблемот се префрла од Министерството за здравство кон деловните субјекти.
– Во услови кога не е спроведена целосна вакцинација на медицинскиот персонал, потребна е сериозна кампања на Министерството за здравство преку која ќе се споделат релевантни информации за вакцините и ќе им овозможи на луѓето секој индивидуално да донесе одлука базирана на факти велат од ССК.
Од Сојузот ја повикуваат Владата наместо да носи мерки со кои ќе се продлабочи кризата, во наредниот период да се посвети на креирање и имплементација на политики кои ќе донесат заздравување на економијата, преку нови, навремени, континуирани и насочени мерки, донесени во консултација со приватниот сектор.
– Сузбивање на пандемијата и намалување на несаканите ефекти врз економијата е единствено возможно доколку се носат одржливи мерки кои ќе даваат вистински резултати, а не да се избираат преодни решенија од кои нема ефект – велат од Сојузот на стопански комори.