Две бомби

Обете – со поразителен ефект по молчаливиот и ситнодушест (не само македонски) интелектуалец.

957

Две бомби одекнаа деновиве, една во светот и една кај нас. Првата, онаа глобалната, со „разорно“ геополитичко дејство по западниот свет и нивната (квази)демократија, втората локална, наша, всушност ќор-фишек, но сепак со реални страотни последици по македонското општество. Обете – со поразителен ефект по молчаливиот и ситнодушест (не само македонски) интелектуалец.

Онаа првата – интервјуто на  реномираниот американскиот новинар Карлсон со „монструмот“ Путин одекна силно, разнишувајќи ги западните темели на слободата на говорот. Имено, ниту една „прогресивна“ држава не смее да го емитува: не дај боже со интервјуто да се доведе под сомнеж однапред исцртаниот злосторнички портрет на Путин. Како што беше и со Садам, нели, па претходно со Кастро и Че, па уште порано со Хо Ши Мин итн. Но таквиот „портрет“ одамна почна да бледнее во светот, освен кај нас: нашиве слепци ќе затвораат „руска инвестиција“ за да потоа новата му ја подарат на соседот за дебела провизија, а македонскиот „интелектуалец“ ќе плука по Русија и ќе крева два прста за „Митилинеос“.






Втората (локална) „бомба“, односно ќор-фишек но со разорно дејство, беше јавната бламажа на „госпожата“ вицепремиер за опомени во „одбраната“ на Законот за рестриктивни мерки.  Нејзиното историско „толкување“ не само на тој закон туку и на стратешкото партнерство со САД, на неопходноста од наше понизно однесување итн., ќе остане забележано како конечна точка врз македонската демократија, право и правда, Устав и темелни вредности…, но и дефинитивен пораз на македонските интелектуални потенцијали!

И затоа кога го читате, на пример, секогаш актуелниот Жижек за „имплантирани интерфејси помеѓу мозок и компјутер“, или појаснувањата на Харари за агресијата на Израел врз Палестина или потсетувањата на Чомски за корените на упадот на Русија во Украина, ви доаѓа да плачете. Или да се срамите, сеедно, зашто, за разлика од интелектуалното ниво во Европа и светот, ние овде говориме за игнорирање на Устав, правен поредок, слободи и права на граѓанинот…, за клоцање мали кучиња, за уплав на „малите“ од големите, за тоа дали ветерот дува од Запад или Исток… Македонската „интелектуална“ сцена безгранично се самопонижува молчејќи дури и за најновото силеџиство на Џафери – сега од позиција технички премиер – да менува легитимни министри во техничка влада.

Додека светот мисли и живее, ние заглупуваме и живуркаме; додека светот оди напред ние трчаме назад. Забарикадирани сме во малоста – или малоумноста? – на политикантските и интелектуалните „елити“, во дистрофијата на нивната „сива материја (ако воопшто ја имале), во провинцискиот светоглед рамен на цивилизациски најзаостанатите „држави“ во светот.

Меѓу (повеќе или помалку) најцитираните во светот искази за профилот на интелектуалецот е онаа на американскиот социолог Валерстин (Immanuel Wallerstein, 1930-2019) според која „Интелектуалецот неопходно оперира на три рамништа: како аналитичар во потрага по вистината; како морална личност во потрага по доброто и убавото; како политичка личност, барајќи го обединувањето на вистината со доброто и убавото“!

Се разбира ние, па и не само ние туку и нашето пошироко опкружување, тешко би можеле да најдеме допирни точки кај македонскиот интелектуалец со оваа дефиниција. Кога последен пат сте виделе македонски интелектуалец „во потрага“ по овие три рамништа? Безмалку никогаш, особено кај оние кои себеси се гледале и како политички личности и окупирале високи државни позиции. Обединување на вистината со доброто и убавото? Ма дајте, ве молам, такво нешто кај нас одамна не постои зашто македонската политичка личност денес, прво, не е интелектуалец, а второ, трето и четврто – не разбира што се тоа вистина, добро и убаво!

Од самиот почеток на слободарската Утопија викана независност, сувереност и самостојност оваа држава – или „држава“, како сакате – ја градат приучени политиканти и недоучени „интелектуалци“ жедни само за моќ и пари. Каква вистина, добро и убаво…, какви „бакрачи“! Па дури и еден Глигоров, чија улога никако не ја потценувам во дадени мигови, се врати во Македонија да ја испее својата политичка „лебедова песна“. (Или беше – политикантска?). И толку! Му ја наполнија главата со идеи дека е семоќен и најумен, па така и се однесуваше. Неговите пријателски политикантски „рожби“ и државни „инсталации“ нѐ тормозат и денес.

Да не говориме за Трајковски, Иванов, Пендаровски, па за сите оние квазипремиери почнувајќи од Кљусев (кој ќе ги тераше жените да перат на Вардар!), за „поетон“ со „б“, за „тенкистон“, за „архитектон“, па за „пазарџијана“… Страва и ужас! Вистина, добро и убаво? Па тие не го ни знаеа значењето на тие зборови, не пак да се вложат себеси за некаква визија за општа добродетел. Затоа, впрочем, Македонија и остана засмрдена провинција, Недојдија од која сите бегаат.

Тие и таквите како нив, а ги има(ше) многу, во земјата создадоа атмосфера на политички канибализам уништувајќи сѐ и секого што ги надвишува(ше), кој мислеше со своја глава и нудеше поинакви решенија. Не велам дека такви има(ше) многу – ги нема многу дури и во далеку поголеми и понапредни земји – но не бевме ни толку сиромашни со интелектуален потенцијал. И повторно: погледнете ја последнава „криминална рапсодија“ со она „ТЕ-ТО“. Па кој нормален така се однесува денес?

Уште де Токвил (de Tocqueville), пред цели 150 години, укажувал на политичката култура како најважна детерминанта на едно општество, култура разбрана како манир, конвенции, однесување, постапување…, обликувани не само низ социолошките услови и закони туку особено од идеите предлагани од интелектуалците. И повторно: што нормално сме слушнале од „интелектуалците“ во врвовите на власта низ овие три децении? Онаа и онаква приватизација, фиромизација, антиквизација, северизација, бугаризација во форма на евроинтеграција…? Па поделба на територии и граница кај Групчин, бугарски тенкови, Курти или Аца Вучиќ…? Па чии се Самоил и Делчев, и дали сме имале администратори или окупатори, па кој го ослободил Скопје, постои ли македонски јазик и нација…? Китови и ајкули, сардини мали и големи, ледени брегови, политикантски платформи ала Тирана или Приштина…?

Оваа лудница ли (да не кажам калакурница), овој провинциски казамат ли е онаа библиска земја на словенската писменост, на Кирил и Методиј и Климент и Наум, на Самоил и Карпош, на Мисирков и Конески, на Вапцаров и Рацин, на целата онаа генерација македонски дејци кои ја изнесоа НОБ и Револуцијата на свои плеќи и од феудално општество направија држава?

Извор: Теодосиевски уметност

Поврзани содржини