На сцената на Националната опера и балет утревечер и на 2 март во 20 часот ќе се изведе „Ана Каренина“, балетската претстава во два чина со одбрана музика од рускиот великан Петар Илич Чајковски.
Преку современите кореографски решенија сoединети со класичен балет на Лео Мујиќ од Хрватска, минималистичка но ефектна сценографија, прекрасните костими на Александар Ношпал, ќе видиме едно интересно визуелно, динамично и полно со страст балетско видување на познатиот роман „Ана Каренина“ на големиот руски писател Толстој, информираат од установата.
Во повеќе од два часа, балетските уметници на Националната опера и балет, на чело со впечатливиот, емотивниот до исцрпување танц и инспиративните движења на Мими Поп Алексова Атанасовска како Ана Каренина, Никола Хаџитанев (Бугарија) како Вронски, Емил Јорданов (Бугарија) како гроф Каренин, ќе ги пренесат сите емоции кои го означуваат ова дело: љубов, страст, омраза, лутина, гнев, љубомора, тага, мајчинска болка…
Настапуваат истакнати солисти, солисти и целиот балетски ансамбл на Националната опера и балет.