ДВАПАТИ СЕ ОБИДЕЛ ДА ПРЕГАЗИ ПОЛИЦАЈЦИ, НО ИЗБЕГАЛ Драма на патот Охрид–Струга, приведени двајца млади

Возачот двапати со автомобил тргнал кон полициски службеници, додека неговите сопатници завршија во притвор

219

Двајца млади охриѓани се приведени по драматичен инцидент на регионалниот пат Охрид–Струга, откако возач на автомобил со кој се движеле се обидел да избега и директно да налета на полициски службеници.

Инцидентот се случил вчера околу 16 часот, кога криминалистичката полиција при СВР Охрид запрела патничко возило „поло“ со охридски регистарски таблички. Автомобилот го управувал Е.О. од Охрид, а во него како сопатници биле А.А. (20) и Ј.Ј. (24).






Наместо да застане, возачот ја зголемил брзината и со возилото се упатил директно кон полициските службеници, по што избегал од местото на настанот. По кратко време, полициските екипи ги лоцирале двајцата сопатници во селото Требеништа, општина Дебрца, каде што биле лишени од слобода.

Драмата не завршила тука. По извесно време, на местото пристигнал и возачот Е.О., овојпат со возило „фолксваген туран“. И повторно, со голема брзина го насочил автомобилот кон полициските службеници и избегал.

Од полицијата информираат дека се преземаат интензивни мерки за пронаоѓање на возачот, а по целосно расчистување на случајот, против инволвираните ќе бидат поднесени кривични пријави за дела предвидени во членовите 215 и 383 од Кривичниот законик.

Поврзани содржини