ДВА ПОЖАРИ БЕСНЕАТ, ДВА СТАВЕНИ ПОД КОНТРОЛА Македонски Брод и Липково во пламен, огнот стигна и до Кожуф

Пожарите ја зафатија речиси целата држава – од Добра Вода до Кожуф, дел под контрола, дел сè уште беснеат.

30

Од Центарот за управување со кризи велат дека денеска до пладне низ Македонија се евидентирани се вкупно шест пожари на отворен простор. Од нив, два сè уште се активни, два се ставени под контрола, додека уште два се целосно изгаснати.

Најтешката состојба е забележана кај Македонски Брод, каде пожарот над селото Бенче на планината Добра Вода зафаќа дабова шума и папрат. Огнот таму и понатаму се шири, а пожарникарските екипи се борат со тешко достапниот терен. Вториот активен пожар се протега низ неколку села во општините Чучер Сандево и Липково – Малино, Танушевци и Лукаре – каде гори мешана шума.






Во Прилеп, пак, состојбата е ставена под контрола во селото Дабница и во месноста Три багреми, каде што беше зафатена ниска вегетација и натрупано ѓубре. Слична е ситуацијата и на Кожуф планина, на подрачјето на Гевгелија, каде пожарот од приземен карактер е стабилизиран и се следи за да не се разгорува повторно.

Во текот на денот успешно беа изгаснати уште два пожара. Едниот се случи на депонијата Визбегово во општина Шуто Оризари, каде изгоре натрупано ѓубре, а другиот во општина Студеничани, на потегот меѓу селата Марково Сушица и Осинчани, каде што огнот зафати ниска вегетација.

ЦУК соопштува дека ситуацијата внимателно се следи и дека сите расположливи сили се мобилизирани за спречување на нови жаришта, особено поради топлото и суво време што придонесува за брзо ширење на пламенот.

Поврзани содржини