Два кампа

Сѐ што е лошо во државава е лоцирано во кампот/таборот на другите, сите позитивни нешта се во властелинскиот коалициски камп. И од таа ултра-селективност никогаш не се отстапува. Владејачкиот „прогресивен“ камп е секогаш во право, дури и кога прогласува „расипан ментален код“ кај другите во „мултикултурното“ општество, кога се самопрогласуваат етнички спасители на „државата што сака да се самоубие“, кога едно моноетничко министерство има повеќе „вработени“ од сите останати заедно, кога секакви шушумиги затскриени зад звучни институции мислат дека се од господ дадени да држат лекции за демократија; тогаш и каплари облечени во професорски тоги умислуваат дека ни даваат „леб и путер“, а ние, слепци, бараме ајвар; тогаш дури и претседателот на државата си зема слобода отворено да нѐ плука и нарекува непоправливи психијатриски случаи на кои „им нема спас“ заборавајќи притоа дека баш тие му го подарија својот глас – очигледно залудно!

566

Кога слободата на изразување, како основно човеково право и демократска вредност, селективно и субјективно се (зло)употребува, особено од државни институции денес, тоа горе-долу може да се подведе под одредницата прогресивен неождановизам. И да, оваа кованица неподносливо мириса на оксиморон, но така, хибриднорежимски (уште еден оксиморон!) ни мириса и целата држава, нели?

Првиот збор е наш локален производ – го измислија оваа власт и нејзините трабанти, самонарекувајќи се „прогресивци“, со надеж дека со тоа барем малку ќе ја неутрализираат реата на ретроградност, конзервативизам и анахроност што ја шират околу себе цели пет години. Неождановизмот, пак, меѓу првите го употреби Пјер Паоло Пазолини, италијанскиот филмски режисер, поет и виден интелектуалец, посочувајќи на состојбите во италијанската поезија/култура во шеесетите, седумдесетите години на минатиот век во Италија. Ние, денес – оваа власт и нејзините институции и вонинституционални абоненти – сме новите неождановисти во Европа!






На крилјата на „прогресот“, ѕидан збор по збор, цигла по цигла, цели 11+5 години, кај нас властите го усовршуваат до верна копија „славниот“ говор на Жданов во 1946 година, дека светот е поделен на два кампа: „империјалистичкиот, предводен од САД; и демократскиот, предводен од СССР“. Нашите мали умови не умеат да размислуваат во такви глобални релации, а впрочем нив глобалното не ги интересира, туку наметнаа свои поделби: претходно на „наши“ и „нивни“ и „патриоти“ и други“, сега на „прогресивни“ и „мултикултуралисти“ наспроти „назадни“ и „националисти“, на „евроинтегративци“ и на оние на кои „им нема спас“… итн.

Сѐ што е лошо во државава е лоцирано во кампот/таборот на другите, сите позитивни нешта се во властелинскиот коалициски камп. И од таа ултра-селективност никогаш не се отстапува. Владејачкиот „прогресивен“ камп е секогаш во право, дури и кога прогласува „расипан ментален код“ кај другите во „мултикултурното“ општество, кога се самопрогласуваат етнички спасители на „државата што сака да се самоубие“, кога едно моноетничко министерство има повеќе „вработени“ од сите останати заедно, кога секакви шушумиги затскриени зад звучни институции мислат дека се од господ дадени да држат лекции за демократија; тогаш и каплари облечени во професорски тоги умислуваат дека ни даваат „леб и путер“, а ние, слепци, бараме ајвар; тогаш дури и претседателот на државата си зема слобода отворено да нѐ плука и нарекува непоправливи психијатриски случаи на кои „им нема спас“ заборавајќи притоа дека баш тие му го подарија својот глас – очигледно залудно!

Но, македонските квазидемократски – или неождановистички или оксиморонски, како сакате – кампови се такви: на почетокот милно ви го бараат гласот, на крајот ве честат со пцовки. Тие се затворени со бодликава жица „идеолошки“ антидемократски гета водени само од лични и групни интереси.

Таков е впрочем и нивниот фокус врз човековите права и демократските вредности: тие се применливи единствено кога се во прашање нивните интереси, коишто тогаш се издигнуваат на рамништето на државен проблем и диктирана интервенција.

Тоа значи дека само јавното делување на другиот (но не и нивното!) имплицира „сериозни негативни последици во општеството“ (Одговорност за јавните личности и за медиумите, реакција на Хелсиншки комитет за колумна на Јагнула Куновска, Плусинфо, 23/08/2022), дека јавната реторика на другиот (но не и нивната!) е проблемот што „предизвикува ширење говор на омраза врз етничка припадност“. Но, кога нивниот јавен настап стигматизира тврдејќи дека другиот „има вроден, шовинистички, негативен и кавгаџиски ментален код, како замена за нормалното,“ (Биљали e во дилема: Дали Албанците да продолжат со Македонците кои имаат „расипан ментален код“, Инфомакс, 8 август 2022), дека „Северна Македонија е проколната земја“ и дека само една етничка заедница овде си губи време спасувајќи суицидна налудничава држава…, фамозниот Хелсиншки комитет сака да каже дека тоа е во духот на она нивно едно општество за сите?

И дали навистина тие „борци“ за нашите права сериозно мислат дека не треба и на претседателот на државата да му исцитираат некој член од Кривичниот законик за јавна навреда на сите кои мислат поинаку од него, неговата тајфа/камп и македонскиот дел од т.н. Историска комисија? И не треба ли тоа да го стори и некоја друга, малку посериозна државна институција?

Ако не само со Уставот, туку и со бројни закони, сме го ставиле граѓанинот во центарот на државата, од каде тогаш оваа селективна грижа само за своите – сопартијци, коалициски партнери, симпатизери и клиенти, интересни групи, припадници на тајфат?

И кој, и зошто, наметнува такви поделби на граѓани од прв ред кои се дел од гореспомнативе, и „раја“ од втор ред – луѓе без право на заштита од државата и нејзините институции, безлично „стадо“ што мора да биде презадоволно со „лебот и путерот“ и од криминалните игри на власта, да се радува како мало дете на „спектакуларниот“ прелет на два Б-52 еднаш во годината и да твори „во духот кон тоа што ќе го расположи народот и публиката“?

Има ли „рајата“ сѐ уште право на слобода, говор, култура, образование, или тие права полека но сигурно стануваат права само на припадниците на камповите?

Па ако уште Џон Лок пред речиси цели четири века ги утврдил приоритетните и неотуѓиви човекови права, коишто и денес претставуваат темел на сите демократски устави во светот, уште колку векови нам ќе ни требаат да ги научиме и да ги примениме врз сите граѓани?

Дали Македонија денес полека се оддалечува од оксиморонот „хибриден режим“, за опасно да се придвижи до некаква отворена форма на тоталитарна власт, која што ги девалвира, „камповски“ ги дискриминира, своите граѓани и ги репресира на таа основа?

Уште колку векови (ќе) ни требаат да разбереме дека власта – претседателот на државата, владата и нејзините министри и државните институции – не се приватни партиски и самоодржливи „организми“, туку се тука токму поради волјата и благосостојбата на граѓаните?

Или некое квазиминистерче кај нас сѐ уште верува во Хобсовите тези за неспособниот и егоцентричен човек, со кој некој мора да управува, па макар и со камшик?

Зашто, инаку, какви се оние самобендисано самоволни бришења на адвокати од регистарот за бесплатна правна помош? Или оние условни казни (sic!) за лажно сведочење на богати граѓани од редот на „камперите“? Кој тоа, и зошто, ги доведува граѓаните во таква нерамноправна положба пред законот?

Или, на што министерот за образование ја темели „одлуката“ да го прекине финансирањето на „Мал битолски Монмартр“, една од само неколкуте македонски културни манифестации со реноме во светот? Или токму тоа – пречи. И нели е тоа уште еден (за Хелсиншкиот комитет, но и за целата власт од едниот камп!) премолчан инцидент со „сериозни негативни последици во општеството“. односно по фамозното „едно општество за сите“?

Или културата навистина не е дел од оваа власт, ни во нејзината потесна ниту во пошироката дефиницијата и дали тоа всушност не е суштинската дијагноза на ова поделено општество?

Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com

 

Поврзани содржини