ДВАЈЦА ВОЗАЧИ СЕ ПРИВЕДЕНИ, ВОЗИЛАТА ИМ СЕ ОДЗЕМЕНИ Пешаци со тешки повреди по сообраќајки во Скопје

Двајцата возачи се лишени од слобода, а нивните возила се одземени за понатамошна истрага. По целосно документирање на случаите, ќе бидат поднесени соодветни пријави“, изјавија од СВР Скопје.

772

Двајца возачи се приведени во Скопје, а нивните возила се одземени откако предизвикале сообраќајни несреќи во кои пешаци се здобиле со тешки телесни повреди. Случаите се пријавени во полицијата, а по целосното документирање ќе следат соодветни пријави.

Првиот инцидент се случил на крстосницата од улиците Адем Демачи и Методија Митевски околу 21:50 часот, кога возачот И.С. (45) од Скопје, управувајќи фиат со скопски регистарски ознаки, удрил во пешакот А.А. (57). Повредениот веднаш бил пренесен во ГОБ „Св. Наум Охридски“, каде му биле констатирани тешки телесни повреди.






Полицијата извршила увид на местото на несреќата, а И.С. е задржан во полициска станица. По наредба на јавен обвинител, неговото возило е одземено за понатамошна истрага.

Неколку часа претходно, околу 17:30 часот, уште една сообраќајна несреќа била пријавена во Скопје. На крстосницата од улиците Филип Втори Македонски и Мирче Ацев, возачот Б.Х. (52) од Турција, со живеалиште во Скопје, управувајќи патничко возило цитроен, удрил во Л.М. (48).

Како последица на ударот, пешакот добила тешки телесни повреди и била пренесена во ГОБ „Св. Наум Охридски“ за медицинска помош. И во овој случај, полициските служби извршиле увид, а Б.Х. бил приведен и задржан во полициска станица. Возилото со кое била предизвикана несреќата е одземено за понатамошна постапка.

„Двајцата возачи се лишени од слобода, а нивните возила се одземени за понатамошна истрага. По целосно документирање на случаите, ќе бидат поднесени соодветни пријави“, изјавија од СВР Скопје.

Поврзани содржини