Двајца ученици избркани од „Владо Тасевски“ поради пцости кон професорка за време на онлајн настава
Наставничкиот советот на училиштето денеска заседавал и одлучил да ги избрка учениците.
По скандалозното видео објавено синоќа на повеќе социјални мрежи во кое ученик упатува навреди кон професорката додека се одвива онлајн настава резултираше со бркање на двајца ученици од средното училиште „Владо Тасевски“. Еден од учениците, незадоволен што треба да вклучи камера при испрашување, упатувал навреди кон професорката, која пак решава да му стави единица за полугодие и да го пријави случајот кај класниот раководител. Неовластено снимената случка од другиот ученик заврши на социјалната мрежа „ТикТок“ од каде што се прошири и на другите социјални мрежи.
Наставничкиот советот на училиштето денеска заседавал и одлучил да ги избрка учениците.
„Денес заседаваше наставничкиот совет и едногласно донесе одлука да ги исклучи двајцата ученици. СУГС Владо Тасевски е училиште во кое се почитуваат кодексот на однесување, правилникот за изведување на онлајн настава и секоја повреда ќе ја санкционираме“, велат од училиштето.
Од Министерството за образование го осудија случај и посочуваат дека постојат одредби во кои се предвидени законски постапувања во случаи на нарушување на угледот на наставниците.
Оттаму потсетија на правилата за одржување онлајн настава.
„Камерите треба да бидат вклучени освен ако поради технички причини, слаба конекција, чести падови на врската, наставникот не наложи поинаку. Микрофонот треба да биде исклучен, освен кога ученик одговара на прашање или не му е јасно нешто поврзано со наставната материја. Се препорачува одржување и следење на онлајн-часовите на тивко место во домот, со оглед дека сите ученици на часот може да ги чујат звуците во заднина на тој што зборува (звук од телевизор, лаење на домашни миленици и слично)“, појаснуваат од МОН.