ДВАЈЦА ПАЦИЕНТИ ПРЕНЕСЕНИ ВО СОЛУНСКАТА БОЛНИЦА СЕ ОПЕРИРАНИ Во грчките болници се сместени вкупно 5 тешко повредени во Кочани

Станува збор за две девојки и едно момче на возраст од 25, 26 и 19 години, кои се тешко повредени со големи изгореници.

715

Во Солун, во болницата Папаниколау и во воената болница, хоспитализирани се вкупно 5 лица повредени во пожарот во ноќниот клуб во Кочани, а од нив двајца се веќе оперирани, додека пак на други двајца им била извршена трахеотомија, според информациите на дописничката на МИА од Атина.

Извори од болницата Папаниколау, каде што од вчера попладне се хоспитализирани тројцата повредени, кои со амбулантни возила пристигнаа во Солун, брифираат дека сите се на Одделот за интензивна нега за повредени со изгореници, двајца се оперирани, а третиот сè уште не е.






Како што вчера објави МИА, станува збор за две девојки и едно момче на возраст од 25, 26 и 19 години, кои се тешко повредени со големи изгореници.

Дополнително, според информациите на МИА, во воената болница во Солун биле префрлени уште двајца повредени на кои им била извршена трахеотомија.

Според истите извори, болницата Папаниколау засега не е информирана или известена за транспорт на други случаи.

Министерот за здравство на Грција Адонис Георгиадис преку платформата Икс синоќа информираше дека „Националниот центар за брза помош е во целосна оперативна готовност за транспорт и лекување на повредени со изгореници по барање на Северна Македонија“ и посочи дека четири болници во Атина и Солун се во состојба на зголемена готовност.

Георгиадис објасни дека по барањето од нашата земја до Европскиот механизам за цивилна заштита, во тек се „сите неопходни активности и во тек е координација помеѓу грчкото Министерство за надворешни работи, Министерството за здравство, Министерството за климатски кризи и цивилна заштита и Здравствен оперативен центар на брзата помош со цел транспорт, прием и лекување на повредените со изгореници во соодветните здравствени центри во земјата“.

Според министерот за здравство на Грција врз основа на оперативниот план во состојба на зголемена готовност се три болници во Атина и една во Солун, што воедно се и едни од најголемите грчки болници.

– Општиот координативен центар на службата за брза помош веќе го стави во состојба на готовност потребниот број амбулантни возила, кои ќе се користат во случај да се донесе одлука дополнителни повредени со изгореници да треба да се транспортираат во здравствените центри на националниот здравствен систем или Министерството за национална одбрана во Атина, напиша Георгиадис на Икс.

Како што вчера објави МИА, грчки владини извори брифираа дека во болницата Папаниколау во Солун и во воените болници во Атина и Солун, ќе бидат хоспитализирани 18 повредени во пожарот во дискотеката во Кочани и дека по телефонскиот разговор меѓу министрите за надворешни работи на двете земји Јоргос Герапетритис и Тимчо Муцунски, „со координирани активности на Министерствата за надворешни работи, здравство, цивилна заштита и службата за итна медицинска помош, Грција ќе ги прими сите повредни со изгореници, како што било побарано од Европскиот механизам за цивилна заштита“.

Поврзани содржини