ДВАЈЦА ОСУДЕНИЦИ БЕГАЛЕ ОД ПОЛИЦИЈАТА СО „РЕНЏ РОВЕР“ И СЕ СУДИРАЛЕ СО ПОЛИЦИСКОТО ВОЗИЛО Полицајците испукале предупредувачки куршуми, а „роверот“ излетал од патот
Кога полициските службеници, кои биле со службено возило „мазда“ се обиделе да го престигнат возилото „ренџ ровер“, возачот на возилото „ренџ ровер“ во два наврати удрил во полициското возило.
Лишени од слобода се двајца осуденици, кои се обиделе да избегаат од полициска патрола, па излетале од патот, соопшти МВР.
Како што е наведено во полицискиот извештај, на 06.10.2025 во близина на населбата Нова Колонија, полициски службеници од Одделот за специјални полициски операции, постапувајќи по план од СВР Скопје, ги лишиле од слобода Н.А. (45) и А.Ј. (23) од Скопје.
Лицата кои се осуденици, но биле на отпуст од КПУ Идризово. Додека се движеле со патничко возило „ренџ ровер“ на улицата Панче Неделковски во Скопје околу 20:20 часот, не застанале на даден знак од полициски службеници и се дале во бегство, по што веднаш биле преземени мерки и активности за нивно запирање и лишување од слобода.
Организирана е потера по возилото кое се упатило кон обиколницата, па потоа кон регионалниот пат Скопје-Велес, каде било стигнато од страна на полициските службеници во близина на населбата Нова Колонија.
Кога полициските службеници, кои биле со службено возило „мазда“ се обиделе да го престигнат возилото „ренџ ровер“, возачот на возилото „ренџ ровер“ во два наврати удрил во полициското возило.
Полициски службеник испукал предупредувачки куршуми во воздух, но возилото „ренџ ровер“ не застанало туку продолжило да се движи и во близина на Нова Колонија излетало од патот. Во возилото се пронајдени пет мобилни телефони, пари и клучеви од повеќе возила, а Н.А. и А.Ј. се лишени од слобода и против нив, по документирање на случајот, ќе бидат поднесени соодветни поднесоци.