ДУШКО ВЕСКОВСКИ Е ПРОТИВ БЕТОНИЗАЦИЈАТА НА КАРПОШ Повеќе нема да ги правиме истите грешки
Весковски е свесен за лошиот резултат на неговата партија остварен во првиот круг од локалните избори, но потенцира дека по направените анализи повеќе нема да се прават истите грешки.
Кандидатот на СДСМ за градоначалничката функција во Општина Карпош Душко Весковски, порача дека во вториот круг на локалните избори, граѓаните ќе имаат прилика да одбираат меѓу различни концепти.
– Имаме два концепти. Едниот, кој во 2016 – 2017 нè сплоти против бетонизацијата на Карпош, за менување на демографскиот лик на Карпош. Период во кој сите политички партии, невладини организации, граѓански здруженија се здружија со нас против (Стевчо) Јакимовски и ВМРО-ДПМНЕ – изјави Весковски на неговото гостување на „Утрински брифинг“.
Тој посочи на јасниот концепт што го застапува за развојот на општината, темелена на проевропска, хумана и планска урбанизација на населбите Злокуќани и Бардовци.
– Нашиот концепт е отворен кон соработка и мобилизирање не само на членовите на СДСМ, коалиционите партнери, туку и на граѓанските здруженија кои оваа година, на овие избори веќе добија 2 советнички места во Општина Карпош – додаде тој.
Весковски е свесен за лошиот резултат на неговата партија остварен во првиот круг од локалните избори, но потенцира дека по направените анализи повеќе нема да се прават истите грешки.
– Даден е слободен простор за сите симпатезири, ја разбравме пораката што ни ја испорачаа граѓаните и која е насоката по која треба да се продолжи. Програмата која ја застапувам јас како кандидат за градоначалник на Општина Карпош, нуди реални проекти, нема празни ветувања. Можеме да ветиме многу, но колку од тоа е реално остварливо. Верувам дека граѓаните го препознаваат нашиот концепт за Карпош, со кој нема да се дозволи реприза на серијалот на Стевче Јакимовски и ВМРО-ДПМНЕ. Верувам дека ќе ги насочат своите гласови кон најдоброто за Карпош, за да можеме со нова енергија и многу вложен труд, прво да го вратиме останатиот долг на Општината и веднаш да пристапиме да работиме на реализацијата на поставените цели, задачи и поставени проекти – меѓу другото истакна Весковски.