ДУРМИШИ БАРА ТРГОВЦИТЕ ДА НЕ ГИ ЗГОЛЕМУВААТ ЦЕНИТЕ Најави ригорозни мерки
Министерот за економија вели дека ова е последна опомена до трговците.
Министерот за економија и труд Бесар Дурмиши попладнево ќе има средба со трговците, производителите и со дистрибутерите на која ќе стане збор за цените на прехранбените производи. Како што информира, ова ќе биде крајна опомена и предупредување до нив да се однесуваат соодветно. Во спротивно, Владата ќе воведе ригорозни мерки.
Дурмиши не прецизираше за какви мерки конкретно станува збор, ниту кога точно ќе бидат донесени.
– Нашето барање е да дејствуваат соодветно, согласно економските трошоци што ги имаат, да не ги зголемуваат цените. Ова ќе биде крајна опомена, препорака и предупредување до нив. Во спротивно, ќе преземеме мерки кои ќе бидат ригорозни. Ако се однесуваат како претходните три месеци, ќе не доведат во ситуација да донесеме одлука што ќе биде многу построга. Нормално, ќе им излеземе во пресрет на граѓаните. Со тоа што ги викаме на средба, значи дека се подготвуваме за преземање мерки – рече Дурмиши.
Според него, инфлацијата „од трпезата премина на резервоарите“.
– Во мај, по завршувањето на мерката, имавме инфлација во делот на храната и пијалаците од 1,1%, а во јуни 0,8%, сега е 0,3%. Значи, цените се стабилизираат. Но, денеска повторно, иако цените се стабилизираат, ќе имам состанок со сите трговци, производители и дистрибутери. Очекувам најголемите дистрибутери и трговци да дојдат. Ќе бидете известени на време кои ќе бидат нашите идни чекори и кои мерки ќе ги пеземеме. Работиме на изнаоѓање долгорочно решение за индиректно да влијаеме врз инфлацијата, а тоа е да ги поддржиме домашните производители, особено земјоделците, за подолг период. Народната банка и Министерството за финансии на подолг период треба да се борат со инфлацијата, а Министерството за економија и Министерството за земјоделство работат во делот каде што се надлежни – рече Дурмиши.