СЕ НАМАЛУВААТ ЦАРИНИТЕ ЗА 67 СТОКИ И СЕ ЛИБЕРАЛИЗИРА ТРГОВИЈАТА СО САД Владата му подава рака на бизнис секторот
Целосна либерализација на увозот на стоки со потекло од САД ќе доведе до зголемување на конкуренцијата на домашниот пазар, додека пак во меѓународната трговија едностраното намалување на царинските стапки праќа економска порака за забрзување на процесот на реципроцитет во меѓународната трговска размена, изјави министерката за финансии велејќи дедка предвидено е намалување на царианта за литиум јонските батерии за складирање струја од сегашните 15 на 2,7 проценти.
Со измени на Законот за царински тарифи треба да се намалат 67 царински стапки за одредени стоки кои како суровини или репроматеријали се користат во домашната индустрија, соопшти министерката за финансии Гордана Димитриoска-Кочоска.
– Предлог-законот предвидува да се изврши намалување на царинските стапки до 50 проценти од нивото на царинските стапки кои важат во ЕУ, со што ќе се придонесе и за поголема усогласеност со царинската тарифа на ЕУ и во делот на царинските стапки, а притоа имајќи ги предвид и правилата на Светската трговска организација каде што сме ние членка и мора и тоа да го почитуваме – рече министерката на седница за пратенички прашања одговорајќи на прашање на пратеникот Дејан Продановски од ВМРО-ДПМНЕ.
Министерката нагласи дека со измените ќе се овозможат поповолни услови за извозноориентирани компании и се прави постепено хармонизирање со царински стапки што се применуваат во Европската Унија. Измените се направени и усогласени во консултација со Стопанската комора. Се излегува во пресрет на бизнис-секторот зашто целта е да се зголеми конкурентноста на домашни компании кои извезуваат на странски пазари, да се зголеми извозот и девизниот прилив.
Со предлог-законот, меѓу другото, ќе се изврши намалување на царинската стапка и за литиум јонските батерии за складирање електрична енергија што, рече, е посебно важно и барано од коморите.
– Увозот што се правел од страна на одредени компании бил со царински стапки од 15 проценти, а ние како држава, особено во услови кога имаме зголемено производство на електрична енергија од фотоволтаични централи, во интерес ни е да имаме што е можно поголем капацитет или инвестирање во батерии коишто ќе ја складираат енергијата. Тоа беше и една од реакциите на сите три комори и тука повторно усогласивме и кажавме нема повеќе 15 проценти плаќање на увозни давачки за литиум јонски батерии кои се користат за енергетски батерии туку одиме со стапка од 2,7 проценти – посочи министерката.
Таа соопшти и дека во рамки на овој закон дополнително се предложени измени за укинување на царинските стапки за стоките со потекло од САД.
– Целосна либерализација на увозот на стоки со потекло од САД ќе доведе до зголемување на конкуренцијата на домашниот пазар, додека пак во меѓународната трговија едностраното намалување на царинските стапки праќа економска порака за забрзување на процесот на реципроцитет во меѓународната трговска размена. Иако директната трговска размена со САД не е голема, сепак САД се и стратешки партнери нa нашата земја и соработката со нив е значајна од секој аспект поради што Македонија е подготвена да го прошири и продлабочи блиското партнерство помеѓу двете земји – рече Димитриска-Кочоска.
Во однос на реакции дека ќе имаме слободен увоз без увозни давачки, таа порача дека во економијата „секогаш мора да имаме предвид кој е партнерот од другата страна“.
– Апсолутно сметам дека може само повеќе да придонесе и да обезбеди поголема конкуренција во однос на увозот што го правиме од други земји – додаде министерката за финансии.