ДУРИ 20.000 МОРНАРИ И 2.000 БРОДОВИ СЕ ЗАГЛАВЕНИ ВО ОРМУСКИОТ ТЕСНЕЦ Состојбата е на раб на хуманитарна криза

Во моментов се избегнува хуманитарна криза на тие бродови благодарение на помошта што ја даваат земјите околу протокот, вели Арсенио Домингез, генерален секретар на Меѓународната поморска организација.

234

Тековната ситуација во Ормускиот Теснец се покажа како прилично голем предизвик за глобалната бродска индустрија, изјави Арсенио Домингез, генерален секретар на Меѓународната поморска организација (ИМО).

– Имаме 20.000 морнари заглавени во Ормускиот Теснец и околу 2.000 бродови кои не можат да испловат. Се разбира, колку подолго тие бродови остануваат таму, толку подолго екипажите продолжуваат да страдаат мемтално, од стрес и од замор, како и од намалување на сите резерви што им се потребни за бродовите да продолжат да функционираат – изјави Домингез за „Ал џезира“.






Шефот на ИМО рече дека осигурителните компании одбиваат да ги сносат трошоците за загубите. Повеќето или ги откажаа договорите или наплатуваат екстремно високи премии.

– Во моментов се избегнува хуманитарна криза на тие бродови благодарение на помошта што ја даваат земјите околу протокот – рече Домингез.

ИМО притиска за хуманитарен коридор, за да им се овозможи на бродовите да ја напуштат областа, додаде тој.

– Планот на американскиот претседател Доналд Трамп за придружба на бродовите низ протокот е едноставно неодржлив, бидејќи нема гаранции дека трговските бродови нема да бидат цел на напади и дека нема да бидат убиени невини морнари – рече генералниот секретар на Меѓународната поморска организација.

Иран го затвори теснецот и ги гаѓа бродовите што се обидуваат да поминат по нападите врз земјата од страна на САД и на Израел што почнаа на 28 февруари.

Поврзани содржини