Дупло голо

Теориите на заговор се еден вид на гротескен и симплифициран начин да се воведе ред или да се добие смисла во денешниот хаотичен и комплициран живот.

2,084

Високи 72 отсто од испитаниците сметаат дека светот го водат неколку моќни семејства, 65 отсто мислат дека ковид-19 е креиран во лабораторија за да се контролираат луѓето, 46 отсто дека климата се контролира со сателити и радари, 44 отсто дека се запишани повеќе мртви од ковид бидејќи Министерството за здравство давало пари, 46 отсто дека од авиони се прска вирусот, 29 отсто мислат дека климатските промени се измислица и 57 отсто дека големите медиуми шират лаги.

Теориите на завера не се никаква новина. Присутни се редовно барем од Француската револуција наваму. Тоа е поедноставен систем на размислување кој особено доаѓа до израз секогаш кога има големи историски промени, колективни кризи, економски кризи, епидемии, или една бескрајна транзициска и криминогена држава и политика.






Значи, не сме луди или мнозинството не е полудено, туку “природно” и физиолошки реагира на една нездрава состојба во која е вовлечен или заробен колективитетот.

Суштински, теориите на заговор се еден вид на гротескен и симплифициран начин да се воведе ред или да се добие смисла во денешниот хаотичен и комплициран живот.

Проблемот е што станува збор за мнозинство или речиси мнозинство од нашите граѓани, а како што знаеме добро, мнозинството најчесто најмногу влијае на навиките и на одлуките, односно, ги насочува нашите политички и општествени перцепции. Вториот проблем е што сите имаат некаква политичка позадина, а потоа се враќаат назад во политиката како популистички инструмент за искористување на масите.

Недовербата е двојна, народот нема доверба во политиката и потхранува теории на заговор, а потоа политиката го користи истиот тој инструмент – кој во прво време го предизвикала – против самиот свој народ. Дупло голо.

Затоа што и најлудата теорија на заговор има свој нуклеус на вистина, кој лесно може да се изманипулира или изперверзира. Еве на пример, една од најпростите и најсмешните: дека нè прскаат со алуминиум. Но, во суштина тука се крие едно чувство на грижа и протест против загадувањето или за климатските промени, барем во случај кога се верува во нив.

Како и да е, секој има одговорност пред себе да не се предаде на едноставно и просто сфаќање на светот и на неговите комплицирани нијанси.

Префабрикуваните вистини и погледи на нештата само го прават животот една голема лага. И еднаш ако паднеш во таа дупка, многу тешко се излегува.

Нека ве радува и тренира комплицираноста, не мора сè да се знае, но вредно е човек да се обиде.

(ФБ статус на авторот)

Поврзани содржини