ДУПКА ШИРОКА 5 МЕТРИ ЗЈАЕ НА ПАТОТ МАВРОВО-ДЕБАР Ја полнат со песок, а правецот е пренасочен(ВИДЕО)
Патот Дебар-Маврово беше затворен за возачите од 8 часот утринава, сѐ до моментов, кога со голем труд на дебарската секција на ЈП за одржување магистрални и регионални патишта, оспособен е помошен пат по кој возилата непречено се движат, вели раководителот Деар Лиманоски.
Дупка широка 5 метри, а длабока над 10 метри зјае на патот Маврово-Дебар, а АМСМ ја затвори за сообраќај од 8 часот утринава сѐ до моментов, кога правецот беше пренасочен по спореден пат, по кој непречено се движат возила, тврда од ЈП за одржување магистрални и регионални патишта.
Забраната за сообраќај на патниот правец Дебар – Маврово, во близина на селото Долно Косоврасти, која беше воведена утрово во 8 часот е укината, јави дописникот на МИА.
– Прекинот во сообраќајот од 8 часот беше како последица на појава на кратер, пропадната дупка на коловозот со длабочина од 20 и широчина од 5 метри. Продолжуваме со пополнување на кратерот со песок. Поради тоа до 12 часот сообраќајот беше пренасочен преку Струга – изјави Лиманоски за МИА.
Во исто време, тој препорачува внимателно возење на сите патни правци кои се под надлежност на секцијата, поради појава на помали одрони.
– Препорачувам оние кои се движат во ова подрачје, да ја прилагодуваат брзината според условите на патот, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата. Наши екипи се постојано на терен во расчистување на одроните, додава тој.
Под надлежност на секцијата се патишта во должина од над 110 километри кои минуваат низ поширокиот дебарскиот регион, кој е познат по обилните снежни врнежи и чести лавини и одрони.
Тоа се делниците Дебар – Жировница (патен правец Дебар – Маврово), Дебар – Глобочица (патен правец Дебар – Струга), патот кон граничниот премин „Блато“, кракот Бошков Мост кон селата на Мала Река, како и патот Мелнички Мост – Центар Жупа.