Сашо Дуковски, адвокатот на Бојан Јовановски, првоосомничен во случајот „Меѓународен сојуз“, по завршувањето на денешното рочиште изјави дека е недозволено и невообичаено тоа што Обвинителството повикува сведок да се сослушува, кој во старт кажа дека не е кредибилен.
– Прво имате една невообичаена ситуација, да речам невозможна ситуација. Предлагате сведок, зборам за Обвинтелството, којшто не е сослушан во истрагата. Користите исказ којшто е даден во друг предмет што нема врска и не се однесува на овој предмет. И како капа на сè, значи ви кажува сведокот дека не е кредибилен. Неколкупати сам ви кажува дека не кредибилен и вие со неверојатна упорност се обидувате повторно да го сослушувате. Тоа оставам е стратегијата на Обвинтелството, но тоа е недозволено и за мене невообичаено зошто се повикува сведок да се сослушува, кој во старт ви кажува дека не е кредибилен – изјави Дуковски.
И на крајот на денот, како што рече Дуковски, ништо не кажа од тоа за кое што беше повикан од страна на Обвинителството.
– Напротив дејствие на извршување е дека Бојан Јовановски наводно некого измамил со ветување дека ќе обезбеди државно земјиште, а сведокот Јордан Камчев кажа дека станувало збор за два проекти, коишто биле одбиени поради економска неисплатиливост од негова страна – додаде адвокатот.
Дуковски посочи дека на сведокот му поставил прашање дали станува збор за приватни парцели … – – – -Можам ли јас да ја вклучам државата во нешто што е ваша сопственост. Од тие причини сметам дека тотално непотребен беше овој сведок и ништо нема да утврди за фактичката состојба во овој предмет – рече Дуковски.
Судењето за овој предмет е во почетна фаза на изведување на вербални докази. На денешното рочиште беа сослушени сведоците Агапи Дика и Јордан Камчев.
Судењето за овој предмет го води судијката Софче Ефремова, а застапник на обвинението е јавната обвинителка Ивана Трајчевска.
Обвинети во овој случај се Бојан Јовановски, поранешната пратеничка од редовите на СДСМ, Фросина Ременски, Миле Јовановски, (таткото на прво обвинетиот) и Јасна Мандиќ Ерцеговиќ.
Јовановски е обвинет за „измама и перење пари“. Ременски е обвинета за „помагање во делото измама“, Мандиќ за „помагање во измамата и перењето пари“, Миле Јовановски се терети за „помагање во перењето пари“ и за „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје“. Како правно лице обвинета е и невладината организација „Меѓународен сојуз“.
Следното рочиште за предметот „Меѓународен сојуз“ е закажано на 24 март, за кога е предвидено да сведочат лицата Јованка Кука и Лилјана Тодоровска.