ДУИ УПОРНО ГО БЛОКИРА ИЗБОРОТ НА НАРОДЕН ПРАВОБРАНИТЕЛ Гаши повика партиите да се договорат, институцијата е во криза
Веќе сме во јануари и институцијата е без раководство. Прашањето е дали навистина сакаме да го решиме проблемот. Времето нè притиска. Ако одиме со нов оглас и нова постапка, тоа ќе биде голем проблем, уште толку ќе трае, а нема гаранција како ќе заврши, бидејќи не знаеме кој би се пријавил на новиот оглас. Влегувањето во таков процес го ризикува целиот избор, рече Гаши.
Претседателот на Собранието, Африм Гаши повторно ги повика парламентарните партии да се договорат и да изберат народен правобранител.
Тој денеска на брифингот со новинарите рече дека треба да се избегне дополнително одолговлекување на постапката.
– Ги повикав координаторите на пратеничките групи да се усогласат околу изборот на народниот правобранител и да најдеме решение. Немаше забелешки, но ќе треба да се разговара и се надевам дека набрзо ќе дојдеме до решение. Никој не го оспорува името на кандидатот – рече Гаши.
Тој предупреди дека почнување нова постапка со нов оглас би значело дополнително одолговлекување и неизвесност.
– Веќе сме во јануари и институцијата е без раководство. Прашањето е дали навистина сакаме да го решиме проблемот. Времето нè притиска. Ако одиме со нов оглас и нова постапка, тоа ќе биде голем проблем, уште толку ќе трае, а нема гаранција како ќе заврши, бидејќи не знаеме кој би се пријавил на новиот оглас. Влегувањето во таков процес го ризикува целиот избор – рече Гаши.
Според него, решението мора да произлезе од политичките разговори меѓу координаторите на пратеничките групи.
– Од страна на Собранието, постапката е завршена, точката е на дневен ред. Штом има договор, веднаш ќе свикам седница и ќе се гласа. Ги повикувам пратеничките групи да се договорат – повика тој.
Спикерот информираше и дека доколку актуелниот кандидат Фатон Сељами се повлече, постои можност од веќе пријавените кандидати да се избере нов предлог, без распишување нов оглас.
Засега е неизвесно дали партиите ќе постигнат договор околу изборот, кој е заглавен поради несогласувањето на ДУИ со изборот на кандидатот. Ставот на ДУИ е дека Сељами е партиски војник и потребен е друг посоодветен кандидат.
Проблемот со изборот на наследникот на Насер Зибери, кому мандатот му заврши во јули, настана затоа што поради несогласувањето на ДУИ во Собранието не може да се обезбеди големо бадентерово мнозинство, односно гласови на 20 пратеници од немакедонските заедници. Сељами, кој е поддржан од коалицијата Вреди, е раководител на подрачното одделение на Министерството за правда во Тетово, во Секторот за бесплатна правна помош. Тој беше предложен по спроведениот конкурс на кој се пријавија 17 кандидати и досега не ја повлече кандидатурата.
Во меѓувреме, институцијата е во криза и неизвесност, а овластениот заменик-омбудсман Илбер Руфати повеќе нема да може да потпишува за исплата на платите на вработените.