ДУИ НА ВЛАСТ ЈА РАЗРЕШИ, ДУИ ВО ОПОЗИЦИЈА ПЛАЧЕ ПО ДАМЕВА Го заробија правосудството за да им служи, а сега зборуваат за притисоци
Владејачката коалиција Вреди реагира дека ДУИ преку нивниот член Селим Адеми лани ја сменија Весна Дамева од претседателската функција во Судскиот совет, а сега ронат крокодилски солзи по неа.
ДУИ лани преку нивниот член Селим Адеми, кој е член на Судскиот Совет, ја смени Весна Дамева од претседателската функција, а сега ДУИ рони крокодилски солзи по истата Дамева, реагираше владејачката коалиција Вреди на соопштението на опозициската ДУИ.
„Истата Весна Дамева, која денеска поднесе оставка и по која ДУИ пролеа крокодилски солзи поради притисок врз неа, лани беше разрешена од Селим Адеми – член на ДУИ. Тој тогаш во својство на потпретседател на Судскиот совет ја надгласа и ја разреши од функцијата претседател, бидејќи на дневен ред ги ставила точките што ѝ одговараат на поранешната власт. ДУИ, овој партиски клан што уништи сè, сега од опозицијата почна да продава политички морал и да зборува за притисоци. Но, ова не им успева бидејќи граѓаните многу добро знаат како го злоупотребуваа секој институционален механизам само за своја корист, вклучувајќи ги и судовите“, соопшти Вреди.
Коалицијата потсетува дека обвинителот за организиран криминал и корупција, Ислам Абази, е близок до ДУИ, што беше потврдено со негови фотографии со братот на Али Ахмети, како и со високи функционери на оваа партија.
„Многу поранешни функционери на ДУИ најдоа утеха во судскиот систем, каде што продолжуваат да делат непристрасна правда. Пример за ова е Иџет Мемети, кој беше фатен на дело и во исто време му направи ветинг на ДУИ. Тоа што ДУИ зборува за постапување спротивно на законите е апсурдно само по себе. ДУИ е синоним за кршење на законите и влијание врз судскиот систем во континуитет. И за ова мора и ќе има одговорност“, се вели во соопштението на Вреди.
Коалицијата потсетува и на обидот на врвот на ДУИ да се врати Никола Груевски.
„И токму на оваа средба Ахмети имаше предложено два начина за негово враќање од Будимпешта, поточно преку своите луѓе во судовите, а за овој случај ДУИ изврши притисок и врз претседателот на Врховниот суд, Беса Адеми“, потенцира Вреди.
ДУИ денеска реагираше дека оставката на Дамева е уште еден драматичен момент што ја одразува , како што велат, алармантната состојба на заробената држава и урнисувањето на независноста на институциите.
„Личните напади, политичките притисоци и јавните манипулации што ги опиша госпоѓа Дамева се јасен одраз на нелегитимната и неодговорна власт, која не запира во обидите да го прошири своето влијание врз секој сегмент од државата. Оваа влада не само што не успеа да обезбеди праведен и независен судски систем, туку ги користи сите средства за да ги уценува и дискредитира оние кои не се подготвени да се покорат пред политичките притисоци. Кога високи функционери на правосудството, задолжени за заштита на правото и правдата, јавно се уценуваат, пораката е јасна: во оваа држава, независноста на институциите стана непријател на власта“, соопшти ДУИ.
Демократската унија за интеграција, се додава, најостро ги осудува политичките напади врз Дамева и бруталните интервенции врз интегритетот на Судскиот совет.
„Ваквите напади не се само личен напад врз еден поединец, туку и обид за парализирање на целиот судски систем, со што се поткопуваат сите напори за реални реформи и независна правда. Апелираме до меѓународните институции внимателно да ја следат оваа состојба и да реагираат на континуираното лизгање на Северна Македонија кон авторитаризам и целосна заробеност на државата. Јасно е дека граѓаните не можат да очекуваат правда од влада која ги напаѓа правосудните институции за политички добивки“, се вели во соопштението.
Ова е повик за рефлектирање и за делување, порачува ДУИ, затоа што независноста на судството е столб на секоја демократија.