„ДУИ, ЛЕВИЦА И ДАНЕЛА АРСОВСКА ИГРААТ ОПАСНИ ИГРИ СО МЕЃУЕТНИЧКИОТ ОГАН“ Вреди предупредува дека опозицијата сака со хаос да си направи политичко алиби

Вреди упатува силен повик до меѓународниот фактор, амбасадите и до меѓународните организации, внимателно да ја следат оваа штетна стратегија, да ги истражат сите случаи и да не дозволат криминалците и поттикнувачите на омраза да се кријат зад политички знамиња, соопшти коалицијата.

369

Вреди ја изразува својата длабока загриженост поради координираните обиди кои последниве денови се прават за создавање вештачки меѓуетнички тензии, со цел да се пренасочи вниманието на јавноста од неуспесите и политичката корупција на партиите кои сега се во опозиција, соопшти коалицијата.

„Вчерашниот случај со градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, кој го осудивме веднаш, претставува чист пример на инсценирање на меѓуетнички тензии, со валкана реторика за создавање вештачки меѓуетнички конфликт. Исто така, физичкиот инцидент меѓу неколку млади лица во Тетово, кој беше искористен од портали блиски до ДУИ и до Левица, со цел поттикнување поделби и страв. Додека граѓаните бараат стабилност, на една фотографија што кружи во јавноста се гледа пратеникот на ДУИ, Муса Џафери, како седи на маса со пратеникот на Левица, претставник на најантиалбанската, проруска и дестабилизирачка партија во државата. Кои планови биле дискутирани на таа средба? Кој ја наредил и со каква цел?“, се вели во соопштението на Вреди.






Сето ова се случува во контекст каде што еден функционер на ДУИ во општина Шуто Оризари е под истрага за намерно подметнување пожар, при што во неговиот дом биле пронајдени запаливи материи и сериозни докази што предизвикуваат сомнежи за саботажни дејствија со тешки последици за жителите, се додава во соопштението.

„Овие настани не се изолирани, тие се дел од опасна стратегија на ДУИ, во тивка соработка со Левица и со Данела Арсовска, за провоцирање хаос, враќање на стравот и за создавање политичко алиби. Ова се опасни игри со меѓуетничкиот оган кои ги загрозуваат соживотот и стабилноста на државата!“, се вели во соопштението.

Вреди, се додава, упатува силен повик до меѓународниот фактор, амбасадите и до меѓународните организации, внимателно да ја следат оваа штетна стратегија, да ги истражат сите случаи и да не дозволат криминалците и поттикнувачите на омраза да се кријат зад политички знамиња.

„Ние нема да дозволиме криминалните интереси на ДУИ да ги користат Албанците како штит, за да ги спасат нивните кариери и нивната корупција. Вреди секогаш ќе стои на страната на граѓаните, правдата и стабилноста!“, се вели во соопштението на коалицискиот партнер во Владата.

Поврзани содржини