„ДУИ ГО ШИРИ КОЦКАРСКИОТ БИЗНИС“ Стоилковски отвора афера за изнајмен простор за 2,6 милиони евра

Директорот на Лотарија изнајмува простор за 2,6 милиони евра од фирма каде работи член на УО на Лотарија; двајцата од кабинетот на Груби – тврди портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски.

314

Државна лотарија изнајмила објект во скопско Визбегово и ќе плаќа над 21.000 евра месечна кирија за период од 10 години од компанијата „ХЕЈ дооел“. Директорот на Лотарија изнајмува за 2,6 милиони евра од фирма каде дел е член на Управниот одбор на Лотарија. Двајцата се од кабинетот на Артан Груби. Појасно од ова не може – обвини денеска на прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски.

– Уште еднаш, 21.000 евра месечно, 10 години! Во превод 252.000 годишно, вкупно 2.520.000. Исто така, за годинава Лотарија предвидела речиси милион евра, над 970.000 евра, за наем и реконструкција на деловен простор!






Објектот – рентан од Лотарија, е на ХЕЈ ДООЕЛ. Тоа е компанија којашто во 5 месеци прави чудо од бизнис. Основана на 02 февруари годинава, на 22 март купува објект од речиси 3.000 квадрати, во мај се пријавува на тендер на Лотарија во мај, и на 5 јули добива договор тежок 2,6 милиони евра! За пет месеци од формирање до бизнис тендер од 2,6 милиони евра!

Е сега малку за актерите! Лотарија ја води Перпарим Бајрами, шеф на кабинетот на Груби во министерството за политички систем. ХЕЈ ДООЕЛ е регистрирано на уште еден млад, со визија од ДУИ, Армин Машовиќ, познат како бизнис партнер со Ерџан Сулкоски, ортакот на зетот на Али Ахмети, Куштрим Смајлај! Машовиќ ја отвора компанијата како консалтинг и маркетинг, и како и секој бизнисмен со визија има и свој интернет портал ХЕЈ.мк.

Порталот пак е регистриран еден месец пред фирмата да започне, значи во јануари, од Шабан Азмовски Хамза, инаку член на Управниот одбор на акционерското друштво на Државна лотарија, и вработен во министерството на Артан Груби!

Значи. Појасно не може. ДУИ го шири коцкарскиот бизнис со државни пари.

Директорот на Лотарија изнајмува за 2,6 милиони евра од фирма каде дел е член на Управниот одбор на Лотарија. Двајцата се од кабинетот на Артан Груби. Појасно од ова не може.

Артан Груби, но и Спасовски, Грковска, па и Ковачевски мора да одговорат, како тоа Перпарим директор од Лотарија најмува простор од фирма каде дел е и Шабан Хамза, член на Управниот Одбор на Лотарија?

Дали Перпарим од Лотарија ќе каже дали знаел или не знаел дека Шабанн Азмовски Хамза го регистрирал името на порталот ХЕЈ на фирмата каде ќе истурат државни 2,6 милиони евра?

Артан Груби мора да каже како тоа во Лотарија завршиле и Перпарим Бајрами и Шабан Азмовски Хамза од неговиот кабинет.

А Али Ахмети и Димитар Ковачевски мора да одговорат како сите големи државни тендери се вртат околу зетот на Ахмети и неговиот бизнис ортак Ерџан Сулкоски?

И секако СДС да одговори до кога молкум ќе слугува на криминалниот клан?

Институциите како ЈО за организиран криминал, ЈО, полицијата може слободно да продолжат да молчат, и онака за кратко ќе бидат дел од предмети за злоупотреби заради делување или неделување – рече Стоилковски.

Поврзани содржини