ДУИ ГО ПРИКРИВА СЕКС-СКАНДАЛОТ НА ФАТМИР ДЕХАРИ Тврдењето дека снимките се фабрикувани е евтин трик, вели ВМРО-ДПМНЕ
ДУИ го прикрива срамот на Кичево - градоначалникот Фатмир Дехари, кој врши брутална злоупотреба на моќта, понижува и сексуално злоупотребува жени – оценува ВМРО-ДПМНЕ.
Фатмир Дехари е градоначалник на срамот во Кичево и симбол за брутална злоупотреба на моќта, понижување на жените и сексуална злоупотреба – оценува ВМРО-ДПМНЕ во соопштение, со кое реагира на објавени аудио-снимки на Фејсбук, за кои се тврди дека содржат комуникации на градоначаникот на Кичево со жени вработени во локалната администрација.
„Во јавноста излегоа снимки кои ја откриваат одвратна вистина за градоначалникот на Кичево, Фатмир Дехари. Дехари малтертирал и сексуално понижувал жени на работно место. Фатмир Дехари ја злоупотребил својата позиција и ова не смее да биде премолчено и неказнето. Ова е срам, навреда и понижување на секоја жена во државата без разлика на етничката припадност.
И наместо оставка од Дехари и извинување, ДУИ се обидува да го прекрие скандалот нарекувајќи ги снимките како „фабрикувани материјали“ и „шпекулативни и монтирани снимки“ во обид да ја замајува јавноста. Тоа евтин обид на ДУИ, скандалот да го релативизира и да го претвори во етничка сторија. Тоа не поминува, јавноста ги слушна снимките. ДУИ да не ја потценува интелегенцијата на народот.
Во тие снимки се слуша како вработените жени се принудени да го бакнуваат дури и да му седнуваат во скут на Дехари. Ова недолично и некултурно однесување на Дехари не заслужува никакво оправдување.
Дали ова е нивото на кое падна ДУИ, да бранат и поддржуваат функционери кои сексуално малтертираат жени? Дали ова е нивото, дали почитта кон жената е празно слово во ДУИ? Што им порачуваат на жените и семејствата со ваквото однесување?
Граѓаните на Кичево и целата македонска јавност не заслужуваат вакво однесување и ваков срам. Ниту една жена не смее да биде третирана како објект и на ваков начин. Не живееме во средниот век, сите жени, мајки и ќерки заслужуваат да бидат третирани со почит и да бидат заштитени – се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Партијата повика градоначалникот Дехари веднаш да си поднесе оставка и да се повлече од јавниот живот, а партијата ДУИ и организацијата на жените од ДУИ да го осудат ваквото однесување.
Исто така, ВМРО-ДПМНЕ повикува сите институции, политички партии и здруженија за заштита на жените да реагираат јасно и бескомпромисно.