ДУИ ЌЕ ПОДНЕСЕ ИНТЕРПЕЛАЦИЈА ЗА ПАНЧЕ ТОШКОВСКИ Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека реакцијата е разбирлива со оглед на тоа што сценариото за насилство е откриено
Ако нема оставка, ние овие денови до Собранието ќе поднесеме интерпелација против Тошковски и против неговиот заменик со која ќе ја докажеме нивната неодговорност, неспособност и штетата што ја нанесоа врз мирот стабилноста и етничката кохезија, соопшти ДУИ.
Демократската унија за интеграции најави дека ќе поднесе интерпелација до Собранието за министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, по иницидентите што се случија на Денот на албанското знаме.
– Ако нема оставка, ние овие денови до Собранието ќе поднесеме интерпелација против Тошковски и против неговиот заменик со која ќе ја докажеме нивната неодговорност, неспособност и штетата што ја нанесоа врз мирот стабилноста и етничката кохезија. Апелираме до граѓаните да бидат мирни и да избегнуваат било какви провокации од одредени структури – изјавија од ДУИ.
Во однос на најавената интерпелација за министерот за внатрешни работи Панче Тошковски и неговиот заменик Астрит Исени, вицепремиерот Изет Меџити рече дека треба да се остават институциите да го расветлат случајот и ситуацијата и на крај, како што кажа, ќе бидат евидентни одговорите зошто баш тие луѓе некако се поврзуваат токму со овие што покренуваат интерпелација.
– Треба да оставиме на органите да го расветлат случајот и ситуацијата и на крај ќе бидат евидентни одговорите зошто баш тие луѓе некако се поврзуваат токму со овие што покренуваат интерпелација, се вработени во нивните претпријатија и ред други работи. Подобро е прво јавноста да се соочи со аргументите, фактите кој и како делувал во текот на прославата. Никој не е казнет зошто има прославено или уважил некое знаме, туку напротив сите ќе бидат казнети кои го прекршиле законот. Ќе оставиме на органите да ги дадат информациите, но случајно или не испаѓа дека се луѓе блиски до ДУИ, работат во нивните јавни претпријатија каде што се нивни директори и се сликани со нив – рече Меџити.
Одговор за најавената интерпелација пристигна и од ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму велат дека разбирлива е реакцијата на ДУИ за интерпелацијата, бидејќи сценариото за насилство и меѓуетнички тензии им е откриено и поразено.
„Сосема е разбирливо зошто ДУИ ќе поднесат интерпелација за министерот на МВР, Панче Тошковски, затоа што сценариото за насилство и меѓуетнички тензии им е откриено, разбиено и поразено. ДУИ и СДСМ треба да знаат дека заврши времето на ‘како до сега’. СДСМ и ДУИ да престанат да сметаат дека со етнички провокации, тензии и црни сценарија можат да наметнат теми во јавноста за поделби и конфликти, заради дефокус и страв од соочување со правдата за сите криминали кои ги направиле. ДУИ се обидува да ја избегне одговорноста за своите незаконски дејства и да предизвика конфликт и раздор меѓу народот. Граѓаните се свесни за нивните вистински мотиви и нема да дозволат повторување на истите грешки од минатото. ДУИ да престанат да се ставаат во служба на дестабилизирачки сценарија. Владата на ВМРО-ДПМНЕ жестоко ќе се бори против криминалот. Денес, МВР демонстрира одговорност и посветеност, нешто што беше реткост да се види изминатите години. За разлика од минатото, денес реакцијата на МВР е професионална и брза и во однос на сите лица кои предизвикале инциденти или прекршиле закон“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
МВР реагираше брзо, одлучно и професионално за сите кривично правни настани и прекршочни настани, се вели во соопштението.
„МВР е во служба на граѓаните и се грижи за стабилноста, безбедноста и мирот на граѓаните, што не беше случај во владеењето на СДСМ и ДУИ. За само пет месеци, во МВР се зголеми бројот на приведени лица, лица кои биле барани со потерници, лица избегани од затвори или сториле одредено кривично дело. ВМРО ДПМНЕ апелира до граѓаните да не бидат манипулирани од политичките агенди на ДУИ и СДСМ. Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, работи за зголемување на безбедноста на граѓаните и нема да дозволи црни сценарија“, наведено е во соопштението.