ДУИ ДА ОДИ ВО ОПОЗИЦИЈА Според Мицкоски, принципот победник со победник веќе нема морална тежина
Никој веќе нема ниту морално, ниту суштинско право да го поставува тоа барање, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во денешното гостување на ТВ21.
„Правилото победник со победник заврши оној момент откако Али Ахмети одлучи да направи влада со Зоран Заев. Тоа правило тука заврши и е веќе категорија која е во историјата на македонската политика. Никој нема ниту морално, ниту суштинско право да го поставува тоа барање“.
Вака вечерва изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во гостувањето во „Клик плус“ на ТВ21, потенцирајќи ДУИ треба да оди во опозиција.
Мицкоски истакна дека формирањето на влада треба да се води според програма и така да се бираат политичките партнери, бидејќи потребно е зрело однесување и рационално носење на вистински преоценки за политичките потези.
– Не е прашање на чест, туку прашањето на Устав за формирање на влада. За жал, во политиката Уставот е тој е кој е пред и над сѐ – рече Мицкоски.
Во врска со прашањето по Бадентер, Мицкоски истакна дека тоа е во Уставот и дека ако сакате да имате успешни реформи и владеење мора тоа правило да биде испочитувано.
– Таков е Уставот и затоа ако сакате да бидете успешни во политиките морате да водите сметка и во таа насока да дејствувате. Во Совет на Град Скопје имаме коалиција со Алијанса за Албанците, која има помалку од ДУИ и имаме начин како тоа правило на Бадентер да го почитуваме преку другите етникуми застапени во советот – нагласи Мицкоски.
Тој порача дека политиките мора да се носат зрело и одговорно бидејќи со такви потези ќе одат напред и државата и народот.