ДУИ БАРА ОСТАВКИ ПО ПОЖАРОТ ВО КОЧАНИ Истрагата за Бектеши била политички прогон
Има ли некој во оваа Влада минимум личен кредибилитет, да побара или да поднесе политичка одговорност Има ли барем од еден од ние кои се на функција веќе една година со таква доблест? Вие може да се заканувате, но ние нема да молчиме, соопшти опозициската ДУИ.
Опозициската ДУИ смета дека се случува политички прогон, а не истрага за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани и бара оставки од актуелните функцинери.
Во истрагата е опфатен и поранешниот министер за економија Крешник Бектеши, кој е од редовите на ДУИ и е во притвор.
„Секој ден, сè поголем е бројот на експерти, професионалци, граѓани кои гледаат и јасно предочуваат што се случува: ова е политички прогон, а не истрага. Наместо да се соочи со прашањето како објектот работел цела година со фалсификувана лиценца, преполн со малолетници, со пиротехника и без дозвола, власта апси поранешен министер, кој одамна нема надлежност, само затоа што не е „нивен“. Во држава каде што целото општество е во тага, премиерот на јавна сцена демонстрира вулгарни закани, влечење за уши и нарачува апсења пред камера. Не за да донесе правда – туку за да ја прикрие вистината. Не за да ѝпомогне на истрагата, туку за тој лично да ја води, но по политичка линија“, соопшти ДУИ.
Сè појасно станува, додава партијата, дека сите институции молчеле цела година, иако знаеле што се случува.
„Клубот бил синоним за заштитен простор на локалната политичка и бизнис елита. Градоначалници, инспектори, командири и пратеници – сите биле таму. Сите знаеле. И сите молчеле. Јавноста со право бара одговор на логичните прашања: Кој дозволи клубот незаконски да работи веќе цела година по сите основи: со блокирана сметка, без да издава фискални сметки, пломбиран или не од УЈП сѐ уште не ни е јасно, секако без никаква легална дозвола, дури и со истечена фалсификувана лиценца? Кој тоа цела година упорно не можел да види редовна употреба на пиротехнички средства што ја има на сите социјални мрежи? Кој тоа цела година толерирал објектот да се преполнува над дозволеното, дури и со малолетни деца“, прашува ДУИ.
И на крајот, се додава во соопштението, има ли некој во оваа Влада минимум личен кредибилитет, да побара или да поднесе политичка одговорност?
„Има ли барем од еден од ние кои се на функција веќе една година со таква доблест? Вие може да се заканувате, но ние нема да молчиме. Ќе соработуваме со секоја објективна и независна истрага, но нема да престанеме да бараме јасни одговори на очигледните прашања и да замолчиме пред политичкиот прогон“, соопшти ДУИ.