ДУИ ЈА ОСТАВИ ТЕТОВСКАТА БОЛНИЦА ВО ЖАЛОСНА СОСТОЈБА, СО НЕБЕЗБЕДНИ ОБЈЕКТИ ОД КОМУНИЗМОТ Алиу најави изградба на 2 нови објекта и реконструкција на постоечките
Министерот за здравство, Азир Алиу, изјави дека 22 години ДУИ ги држела здравствените работници во несигурен статус, вработувајќи ги селективно во зависност од изборните потреби и дека болниците биле оставени без лекари и без медицински сестри само зашто не припаѓале на партијата.
„Ја оставивте болницата за жалење, со објекти од времето на комунизмот и статички небезбедни. Се грижите кога сте во опозиција, а што направивте додека бевте на власт?“
Ова го одговори министерот за здравство Азир Алиу на обвинувањата од пратеничката Рина Ајдари од Европски фронт дека откако е на таа функција, не презентирал ниту една инвестиција за Клиничката болница во Тетово и не соопштил планови за подобрување на здравствените услуги и за вработување на договорците.
Алиу на седницата за пратенички прашања рече дека на функцијата е 52 дена односно 38 работни дена, но дека трипати ја посетил болницата откако е министер.
На констатацијата на ДУИ дека по нејзино реагирање се решава проблемот на 155 вработени со договор на дело, Алиу кажа дека „кога се на власт не ги решаваат проблемите туку кога се во опозиција“ и дека затоа е добро ДУИ да биде во опозиција.
– Ги чувавте 22 години така, без работа, една година работа, 2 години без работа, зависи од вашата потреба за локални, парламентарни или за претседателски избори. Ќе ги замолам граѓаните да ве остават 20 години во опозиција за да ги решиме проблемите бидејќи многу добро сте ги решавале од опозиција. За 22 години болниците ги оставвивте без медицински сестри и без лекари, биле невработени зашто не биле дел од ДУИ. Ве уверувам дека и овие 155 и многу повеќе од толку ќе се вработат бидејќи ние имаме потреба во здравството кое сте го оставиле за жалење – истакна Алиу.
Министерот посочи дека во Клиничката болница Тетово ќе бидат изградени 2 нови објекта и ќе се реконструираат објектите кои се, рече, „недопрени со години“.
Како што рече министерот, за кратко време од Министерството ќе имаат план за инфраструктурата и за вработувањата, со што ќе се подигне квалитетот на здравствените услуги не само за граѓаните на Тетово туку и за голем дел од Полошкиот Регион.