Дуално образование за новинари – зошто да не?

Состојбата со кадарот во медиумската индустрија во земјава не е ништо поразлична од онаа во која се наоѓаат сите други бизниси, кои веќе бараат начин како да инвестираат и да остручат нов кадар. Во таа насока предлагам да се воведат паралелки со дуално образование за новинари, во некои од постоечките гимназии, каде што би се изучувале соодветни предмети и учениците би оделе на пракса во редакциите, каде потоа би се вработиле.

476

Еден од најголемите проблеми со кои се соочуваат денес македонските медиуми е недостигот на кадар. Зошто е тоа така постојат повеќе причини и фактори кои се провлекуваат во изминативе децении, а кои резултираа со драстично намалување на интересот за студирање во високошколските институции кои образуваат новинарски кадар, при што тие катедри стануваат неодржливи.

Како што е познато, многу наши колеги сакаа да видат како е „од другата страна“, па го прифатија предизвикот да станат лица за односи со јавноста на овој или на оној министер, кабинет, институција… Секако, прифаќањето на овој предизвик за некого значи и постабилна работа, наместо да седи во некоја редакција и постојано да биде под стрес дали ќе земе плата, дали ќе се скратат платите или, не дај боже, дали ќе се затвори медиумот.






Општата констатација, која доминира во јавноста, дека новинарите се виновни за сѐ, а за тој „углед“ нели и самите сме придонеле, како и паралелниот развој на интересот, потребата или трендот да се изучуваат односи со јавноста наместо новинарство, зашто нели во тие води е побезбедно да се плива и не си изложен на критиката на јавноста, појавата и доминацијата на социјалните мрежи, каде секој корисник истовремено е и медиум, се некои од причините кои придонесоа да се сведе на минимум интересот да се студира „озлогласениот“ журнализам.

Состојбата со кадарот во медиумската индустрија во земјава не е ништо поразлична од онаа во која се наоѓаат сите други бизниси, кои веќе бараат начин како да инвестираат и да остручат нов кадар. Во таа насока предлагам да се воведат паралелки со дуално образование за новинари, во некои од постоечките гимназии, каде што би се изучувале соодветни предмети и учениците би оделе на пракса во редакциите, каде потоа би се вработиле.

Предлагам Министерството за образование и наука, Здружението на новинари на Македонија, Македонската асоцијација на новинари, Агенцијата за аудиовизуелни уметности, Синдикатот на новинарите и медиумските работници, Советот за етика во медиумите, како и сите други институции и здруженија кои ја следат работата на медиумите во земјава, токму како и сите медиуми, да размислат за овој предлог и заеднички да покренеме иницијатива за воведување дуално образование за новинари, затоа што од тоа сите би имале корист. Би се развила посебна наставна програма за овие паралелки, која би вклучувала изучување на новинарскиот занает и многу пракса во редакциите.

Сметам дека медиумите, како најзасегнати од овој проблем, самите треба да бараат решенија, а ова е едно од нив. Доделувањето субвенции од државата не е долгорочна стратегија на која треба да се потпреме. Дојдено е времето самите да произведуваме кадар и да инвестираме во него. Плусинфо, а верувам дека и повеќето поголеми медиуми, може да стипендираат ученици, кои потоа би работеле во нашите редакции, а секако тоа никако не би ги спречило да запишат и да завршат факултет по избор. Напротив, редакциската работа може да ги поттикне да го продолжат образованието токму на високошколските институции кои образуваат новинари.

Дури и од следната година да се воведе дуално образование за новинари, би минале најмалку 4-5 години кога од тие паралелки би излегол првиот кадар. За тој период ќе се пензионираат неколку генерации новинари, а нема да се произведе речиси никаков кадар. И што ќе се прави? Ќе се гаснат медиумите затоа што ќе нема кој да работи во нив? Секако дека тоа не е опција и дека на секоја демократска земја ѝ се потребни медиуми и критичко мислење.

Можеби некој ќе се посомнева дека овој предлог би ја деградирал професијата новинар (новинар со средно школо?) и ќе се запраша како еден 18-годишник би можел да стане новинар? Па, исто како што може да стане лаборант, медицинска сестра, забен техничар, електричар… Има многу аргументи во таа насока. Повеќе или помалку е познат фактот дека во македонските редакции со децении наназад работат голем процент луѓе без завршен факултет (почнале луѓето, па не завршиле, или студирале нешто сосема различно, како архитектура или земјоделство, на пример, па влегле во новинарски води и тука направиле кариери).

Благодарение на разните социјални мрежи на кои „висат“, младите денес се многу информирани за сѐ што се случува во светот, не само за локални теми. Во малиот прст ги имаат финтите на овие мрежи и знаат како да ја „продадат“ веста. Новинарството, сепак, најмногу се учи во редакциите и од пракса, а оваа професија бара постојано учење, читање и надградба на стекнатото знаење. Така што дури и некој да го заврши најдобриот факултет за новинарство, со највисоки оценки, тоа не значи дека треба да престане да учи, ниту пак дека ќе знае од прва да напише новинарски текст по сите правила и стандарди.

Затоа, апелирам сите да размислиме за оваа идеја и да преземеме иницијатива. Тоа ѝ го должиме на професијата, но и на заедницата, која секојдневно и одново нѐ дарува со доверба, очекувајќи ја од нас вистината и ништо друго освен вистината.

Поврзани содржини