ДУА ЛИПА НЕМА ДА НАСТАПУВА НА СВЕТСКОТО ПРВЕНСТВО ВО ФУДБАЛ Во Катар ќе оди кога ќе почнат да ги почитуваат човековите права
Пејачката родена во Лондон рече дека ќе настапи во земјата само ако се подобри во поглед на почитувањето на човековите права.
Познатата пејачка по потекло од Косово, Дуа Липа ги демантираше пишувањата на медиумите дека ќе настапи на отворањето на Светското фудбалско првенство во Катар. Пејачката родена во Лондон рече дека ќе настапи во земјата само ако се подобри во поглед на почитувањето на човековите права.
Оваа изјава доаѓа по контроверзиите околу претстојниот фудбалски турнир, а кои се поврзани со односот на Катар кон работниците мигранти и криминализацијата на истополовите врски. Имено, Катар предизвика загриженост кај припадниците на ЛГБТК+ заедницата кои планираат да патуваат во таа земја за време на првенството бидејќи таму хомосексуалноста е противзаконска. Покрај загриженоста за ЛГБТК+ заедницата, групите за човекови права ја осудија дискриминацијата на жените во земјата и злоупотребата на работниците мигранти кои градеа објекти за Светското првенство во фудбал.
„Има многу шпекулации дека ќе настапам на свеченото отворање на Светското првенство во Катар. Нема да настапувам и не сум била вклучена во никакви преговори за настап. Ќе навивам за Англија од далеку и се веселам еден ден да го посетам Катар кога ќе ги исполни сите ветувања поврзани со човековите права што ги дадоа кога го добија правото да бидат домаќини на Светското првенство“, напиша Дуа Липа на Инстаграм.
Ѕвездата на светската музичка сензација БТС, Џеон Џанг Кук, е единствениот официјално потврден изведувач за свеченото отворање, кое ќе се одржи на стадионот Ал Бајт на 20 ноември. Американскиот рапер Дипло, диџејот Калвин Харис и пејачот од Јамајка Шон Пол ќе настапат и на Фестивалот на фанови на Фифа, кој ќе трае 29 дена од турнирот. Светските медиуму пишуваат дека и светски познатата пејачка Шакира ќе настапи на отворањето на Светското првенство.