ДС: Апсурдно е новинарите да докажуваат дека имало насилен упад во Собранието

Судот дополнително ги дискриминира новинарите со тоа што од нив бара да докажат нешто што претходно Кривичниот суд веќе го има утврдено во процесот против учесниците во упадот во Собранието - се вели во соопштението.

442

– Демократскиот сојуз смета дека е апсурдно судот да бара од новинарите да докажат дека во Собранието упадна толпа демонстранти која физички им се закануваше на пратениците, политичките претставници и новинарите, односно дека на 27 април имало организирано демонстрации пред Собранието. Благодарение токму на ТВ снимките и известувањето на новинарите од овие настани, целата македонска јавност можеше да го види тоа, вклучително и докази дека новинарите беа физички загрозени и спречени да известуваат – наведува партијата.

Во реакцијата на партијата се наведува дека судот дополнително ги дискриминира новинарите со тоа што од нив бара да докажат нешто што претходно Кривичниот суд веќе го има утврдено во процесот против учесниците во упадот во Собранието, кои се осудени на затворски казни поради физичкиот напад врз пратеници и високи политички функционери.






Тоа што новинарите успеале да спасат жива глава и немале физички повреди е срамен изговор судот да го одбие нивното барање за утврдување штета. Известувањето на новинарите од овој настан и психичките трауми кои тие ги доживеаја заслужуваат највисока почит, дотолку повеќе што нивната работа е од исклучителна важност за информирањето на граѓаните и за демократијата во Македонија, велат од Демократскиот сојуз и изразувааат очекување Апелацискиот суд да ја преиначи оваа скандалозна одлука.

– Демократскиот сојуз го повикува Судскиот совет да покрене постапка против судијата кој очигледно одбил правилно да ја утврди фактичката состојба. Само така граѓаните ќе бидат сигурни дека новинарите ќе можат непречено и слободно да информираат, без физички да бидат загрозени и само така ќе може да се врати вербата во одговорно и професионално судство кое треба да биде вистински заштитник на демократијата и слободата на изразувањето – се вели на крајот од соопштението на партијата.

Поврзани содржини