ДС: Џафери не е во право, а Пендаровски и пратениците да побараат итна седница на Собранието

750

Демократскиот сојуз предлага претседателот на државата, владата и најмалку 20 пратеници, да побараат да се свика итна седница на Собранието на која ќе се расправа за вонредната состојба.

Според ДС, Собранието треба да расправа за причините и ефектите од воведување вонредна состојба, за потребата од продолжување, како и за мерките кои се преземаат за спречување на коронавирусот, поставеноста и дејствувањето на здравствениот систем, функционирањето на безбедносниот систем и економските аспекти на кризата.






„Парламентот треба да отвори и сериозна расправа за издржаноста и оправданоста на мерките, подготовките за олабавување на истите, дали постои план за постепено активирање на бизнисот, враќање на животот во нормала, заштитата на човековите права“, вели ДС.

Демократскиот сојуз укажува дека согласно Уставот на Република Северна Македонија, Законот за Собранието и Деловникот (член 5) за работа на Собранието, Собранието е во постојано заседание и мандатот на пратениците трае се до верификација на мандатот на новоизбраните пратеници.

Според ДС не постојат уставни и законски пречки да се свика парламентот, но политички постојат, поради тоа што голем дел од актуелните пратеници не се на кандидатските листи за пратеници. Можеби е тоа мотивот за блокада на Парламентот.

„Инаку, нема никаква основа Талат Џафери и натаму да се спротивставува да свика седница на парламентот и на тој начин да оневозможува парламентот да биде вклучен во надминување на кризата од пандемијата“, порачува ДС.

Поврзани содржини