Држење растојание и носење маски го намалува ризикот од ковид-19

552

Анализата на 172 истражувања направени во 16 земји покажува дека мерките како физичко растојание и носење маска го намалуваат ширењето на коронавирусот. Овие податоци треба да им помогнат на земјите и на здравствените организации ширум светот да ги усогласат препораки за заштита од ковид-19, пренесе Радио Слободна Европа.

Одржувањето на физичко растојание од еден метар или повеќе, носењето на заштитна маска како и заштита за очите се најдобриот начин за заштита од заразување со ковид-19. Ова го покажува споредбената анализа на 172 истражувања спроведени во 16 земји која е објавена во магазинот за медицина Лансет, а финансирана од Светската здравствена организација.

Без строго утврдена терапија како и вакцина за третирање на ковид-19, овие мерки за намалување на опасноста од заразување беа применети во речиси сите земји во светот.

„Ризикот од заболување во голема мера зависи од растојание помеѓу здраво и заболено лице и видот на маска за уста и нос, како и за заштита на очите. Моменталните препораки за одржување на најмалку 1 метар растојание имаат големо ниво на заштита, а растојанието од 2 метри има уште поголем ефект“, се наведува во истражувањето.

Доказите покажуваат дека одржувањето на физичко растојание, употребата на заштитна опрема за лицето значително го намалуваат ширењето на вирусот, но тие исто така мора да се практикуваат и во комбинација со другите мерки за заштита како, на пример, одржувањето на хигиена и често миење на рацете.

„Луѓето мора да сфатат дека носењето на заштитна маска не е алтернатива за одржувањето на физичко растојание или одржување на основна лична хигиена“, вели Дерик Чу, професор на универзитетот МекМастер од Канада кој го водел истражувањето, пренесува Ројтерс.

Како што е познато, примарното пренесување на коронавирусот е преку капки кои се пренесуваат во воздухот кога заразено лице кашла, кива, зборува па дури и при дишење. Покрај тоа, вирусот се пренесува и преку контакт со контаминирана површина и потоа допирање на лицето, устата очите и носот.

Поврзани содржини