Државно „семејно“ силеџиство

Во едно семејство (а ЕУ ужива да се прикажува како такво), кога започнува семејно насилство, завршуваат сите цврсти семејни врски. Семејството можеби нема да се растури/распадне, членовите ќе продолжат да живеат заедно заради лични и групни интереси, но таа заедница веќе не би можела да се именува како – семејство. Во што е нашата ситуација поразлична? Речиси во ништо.

447

Однесувањето на поединецот, па макар тој бил и висок државен функционер, европратеник или „само“ политичар, не може да се поистоветува со официелните политики на неговата држава. Тоа е елементарен факт што мора да се почитува, дури и на Балканот. Следствено, персоналното силеџиство, некултура, невоспитаност и безобразие, дури и на високи политички и јавни личности, не смее да се припишува како однесување на целата држава.

Но за нас, како и обично, не важат истите правила како за остатокот на „цивилизирана“ Европа: еден крајно нејасен, но според сите податоци проблематичен (и со потенцијална криминална позадина) личен физички конфликт, каде што подебелиот крај го извлекол поединец кој се декларира како Бугарин (случајно или не и секретар на бугарски клуб во Охрид), се трансформира во шлагворт за (нов) соседски силеџиски напад, идентификувајќи ја целата држава како насилна и полна со омраза кон таквите свои граѓани, и не само кон нив, а целиот македонски народ се прогласува за насилнички, тепачки, пиштолџиски… Дури, и неговата историја се прикажува како „традицијата на палење, пукање и насилство врз луѓето“, и тоа од страна на највисоки бугарски државни функционери.






И, можеби, токму овој (дали и последен?) несакан охридски инцидент ни ги открива сите темни страни на оваа македонска интегративна приказна, безобразлукот на главните играчи во неа, но и нашите заблуди во однос на таа приказна. Зашто, дали е на тест македонската издржливост на навреди, плукања, именувања со секакви валкани придавки (не само) од страна на нашиот „ментор“ на овој ЕУ пат, или попрво треба (и) на овој актуелен миг да гледаме како на час за отрезнување? Веројатно обете тези се валидни и важни за нас. Но нашата „издржливост“ – иако има и многу други зборови што посликовито би ја исцртале оваа ситуација! – е веќе докажана. Затоа, не треба ли конечно попрецизно да ја именуваме втората теза, онаа за односот кон нас?

Во едно семејство (а ЕУ ужива да се прикажува како такво), кога започнува семејно насилство, завршуваат сите цврсти семејни врски. Семејството можеби нема да се растури/распадне, членовите ќе продолжат да живеат заедно заради лични и групни интереси, но таа заедница веќе не би можела да се именува како – семејство. Во што е нашата ситуација поразлична? Речиси во ништо. Освен, како што милуваат тоа да го потенцираат одредени македонски политиканти и „аналитичари“, фактот дека ние бараме да бидеме дел од тоа семејство, дека тоа е наша долгорочна цел, дека без тоа ние остануваме (?) мали, безначајни, никој и ништо. А со „семејството“ бо пораснале, би станале – некој и нешто?! Но, никој не сака да одговори дали нашата желба, нашата цел, да бидеме дел од тоа семејство претпоставува дека треба да истрпиме секакви навреди, малтретирања, обвинувања, уцени… односно, со еден збор, државно силеџиство од најлош вид? И што нѐ прави таквото наше слепо настојување? Мазохисти?

Зашто, сѐ што се случува во и со оваа држава последниве неколку години, од Преспа па наваму – да не речам од 1991 година! – е ординарно и најбезочно државно силеџиство манифестирано од некакво измислено „среќно ЕУ семејство“, коешто воопшто не е ни блиску до една таква состојба на среќа. Американската асоцијација за психологија го дефинира силеџиството како форма на агресивно однесување, при што постојано и со намера на другиот му се нанесува непријатност, вознемиреност, неспокојство итн. Во што е различно ова однесување на ЕУ и источниот сосед од силеџиството во семејството, во училиштето, на работното место (како мобинг) и др.?

Ние, се разбира, можеме на овие случувања да гледаме и низ розова оптика и да ги нарекуваме „убедување“, „политика“, „препораки“, „сугестии“ и слични будалаштини, но во суштината на ова ЕУ и бугарско однесување лежи тешко силеџиство, малтретирање на послабиот само заради пројавена/искажана желба односно намера да стане членка на една заедница на којашто природно, културно и историски – припаѓа. А ако веќе ја спомнуваме историската припадност кон Европа, тогаш навистина можеме да упатиме и неколку отворени прашања од типот: а од кога бугарските племиња стануваат дел од Европа и нејзината приказна? И кој во овој поглед би требал да има предност или денес за тоа одлучува географското растојание од/до Русија а на ЕУ, во уплавот, ѝ требаат тампон зони? Ако пак кон сето ова го приклучиме и историскиот, културниот антифашистичкиот… придонес на Македонија за Европа – мерено во однос на некои други, секако – приказната добива сосема други димензии, нели? Или токму тие нешта, особено онаа вековна страст на источниот сосед за (лажлива) самоидентификација со историјата на ова парче земја, тој нивен вечно горлив територијален и културен жар за сѐ што е инхерентно на историјата на овој простор, е главниот мотив за силеџиството?

Впрочем, сите интензитетни пориви, а агресијата/силеџиството е еден од таквите, имат длабоки корени. И ние, со години, ги слушаме, сите, не само од источниот сосед. Звучи параноично? Можеби, но не е. Зашто, повторно, кои се и какви се причините за ваквото непријателско однесување на ЕУ и источниот сосед кон Македонија, за онаквата повеќегодишна неизбалансирана употреба на сила врз помал и послаб „противник“? Натписите на македонските споменици за бугарскиот фашистички окупатор, историските учебници, фактите за депортацијата на преку 7.000 евреи во концентрационите логори…, физичката пресметка на неколкумина во Охрид? Или нешто многу, многу подлабоко и поголемо? И сето тоа под закрилата на „семејството викано Европска унија“?

Ако Министерството за одбрана на Велика Британија во 2000-та година го дефинирала силеџиството како „the use of physical strength or the abuse of authority to intimidate or victimize others, or to give unlawful punishments“, зарем целава ситуација со Македонија не е токму тоа? Зарем оваа агресивна „злоупотреба на моќта“ на ЕУ, па и на сите – или повеќето – земји членки врз Македонија не е тоа?! Посебна приказна е токму молкот и неспротивставувањето на таквата „политика“ од страна на некогашните федерални ЈУ републики Хрватска и Словенбија, сега членки на „семејството“. Зарем Македонија молчеше кога тие беа притиснати, дури и воено, од српскиот Милошевиќевски фактор? Или тоа бргу се заборава во меѓународната политика? Само што тоа веќе не се нарекува политика туку за таквото однесување постојат многу побезобразни изрази.

Другата, еднакво темна страна на овој вид „семејно“ силеџиство, е однесувањето на домашните политички фактори, чија што понизност, страв за функциите и неодговорното попуштање на сите форми на притисок го става силеџиското однесување на пијадесталот на политика. Ако нешто не е политика, тогаш тоа е токму оваа меѓудржавна форма на силеџиство! Но таа дава резултати, како впрочем и секоја друга агресивна форма на однесување. Отсуството на отпор само поттикнува осмислување на нови и нови форми на заплашување („прекин на преговорите“), пресија („Бугарите во Устав или нема ЕУ“), агресија („целосно одлагање на интегративниот процес“) и др. Денес, полека но сигурно, доаѓаме до целосно изедначување на надворешното (ЕУ) и внатрешното (власта) силеџиство чијашто жртва дефинитивно е граѓанинот, Уставот и законите. Последната т.н. декларација на бугарското Собрание е само уште едно камче во овој насилнички мозаик, повторно без соодветна реакција од „среќното семејство“.

Впрочем, ако интенционалната државна агресивност, во македонскиот случај подигната на највисоко рамниште, е прашање (и) на демократијата односно демократичноста на државата и нејзините институции, што говори целата оваа силеџиска кампања за источниот сосед, за ЕУ, за целото „среќно семејство“?

Извор: Теодосиевски уметност

Поврзани содржини