ДРЖАВНО ЕДИНСТВО Е ВОЗМОЖНО, АКО СЕ ГРАДИ СО ИСКРЕНОСТ И БЕЗ КАЛКУАЛЦИИ Еве што одговори СДСМ на повикот на Мицкоски за единство

Според опозицијата, власта мора да даде конкретен пример со дела и да биде подготвена да прифати проширување на областите за разговор. Да се разговара и за утврдување на принципи за подобрување на состојбите во здравството, за положбата на работниците, за младите..

245

Протоколарните пораки за обединување, за жал, немаат никаква врска со реалноста која ни ја сервира ВМРО-ДПМНЕ и политиките кои ги практикува во овие два месеци, преку соопштение одговори опозициската СДСМ на вчерашната покана на премиерот Христијан Мицкоски за единство за одредени значајни прашања за државата.

„Градење на државно единство за најважните области и клучни прашања е нормално за демократските земји, но тоа е возможно само доколку искрено се пристапува, без било какви калкулации и само ако политичките партии го стават интересот на државата и граѓаните на прво место“, велат од СДСМ.






Од партијата тврдат дека пораките на премиерот се „шупливи со кои сака да глуми конструктивност“.

„ВМРО-ДПМНЕ нема ниту план, ниту конкретен предлог за обединување, тоа единствено им е потребно на говорниците. Националното единство му е напишано во секој говор за да го прикрива семето на поделбите и омразата кое го сее“, се наведува во соопштението.

Според опозицијата, власта мора да даде конкретен пример со дела и да биде подготвена да прифати проширување на областите за разговор. Да се разговара и за утврдување на принципи за подобрување на состојбите во здравството, за положбата на работниците, за младите..

„Национален консензус за главните прашања сметаме дека е потребен. И во минатото СДСМ повеќепати ја повикуваше тогашната опозицијата за најважните прашања да застанеме заедно. СДСМ останува поддржувач на процесите за европската иднина на земјата, на решенијата за подобар живот на граѓаните, за силна економија, социјална правда, рамноправност, право и правна држава.  СДСМ е и ќе остане силен критичар на власта и силно ќе се спротивставува на погрешните политики. – велат од СДСМ.

Оттаму додаваат:

„Социјалдемократскиот сојуз на Македонија е државничка партија, не е и нема да биде деструктивна опозиција како што беше ВМРО-ДПМНЕ. Ние нема да блокираме мерки и закони во Собранието ако се добри за граѓаните, нема да го блокираме европскиот пат на државата, нема да подгреваме меѓуетнички тензии и поделби“, се наведува во соопштението.

Оттаму оценуваат дека речиси сите 10 точки од наводната платформа се чиста спротивност на намерите и политиките на партијата на власт.

„Така што оваа платформа треба да се чита спротивно на тоа што е кажана“, се додава во соопштението.

Во него, СДСМ реагира и на повикот од ВМРО-ДПМНЕ за декриминализација на опозициската партија.

„Повиците за декриминализација на опозицијата се очаен обид да се покријат сопствените скандали во кои тоне Мицкоски. Освен партиската говорница за сеење лаги и измислени скандали против опозицијата, Мицкоски не успеа да докаже никаква криминализација. Но докажа дека тој ја криминализира, партизира и злоупотребува државата секој ден“, се наведува во соопштението.

Поврзани содржини