ДРЖАВНИОТ ВРВ СЕ ПОКЛОНИ ПРЕД СПОМЕНИКОТ НА ТРАЈКОВСКИ Венци беа положени и во Струмица од страна на фамилијата и од владините делегации

Неговото раководење со земјава во еден извонредно тежок, сложен и сензитивен период за државата, остави неизбришливи траги во современата македонска историја. За него интересите на државата и интересите на граѓаните беа секогаш во преден план, изјави градоначалникот на Струмица пред споменикот „Македонија“.

171

Владино-државни делегации, претставници од државни институции и организации, претставници од меѓународната заедница во земјава, денеска оддаваат почит кон загинатиот претседател на државата, Борис Трајковски, во рамки на државнички церемонии за одбележување на 19-годишнината од авионската несреќа, во којашто животите ги загубија поранешниот претседател, Борис Трајковски, членови на неговиот кабинет и екипажот на авионот.

Со високи државни почести, 19-годишнината од загинувањето на претседателот Борис Трајковски беше одбележана во Скопје, во Алејата на великаните во Бутел.





„Владата на Република Северна Македонија е определена кон прогресивни политики што ги водат граѓаните и државата напред, каква што беше и визијата на загинатиот претседател Борис Трајковски. Определбите за заедничко општество, во кое што граѓаните живеат и работат заедно, независно од нивните етнички, религиски или други определби, во мир и во меѓународно почитувана држава, интегрирана во демократските семејства на држави и народи, НАТО и Европската Унија, се пример за храбро и мудро лидерство засновано на вредности. Со искрена верба, исто како премиерот Димитар Ковачевски и Владата денес, таквите вредности ги застапуваше и поранешниот претседател на државата, еден од потписниците на Охридскиот рамковен договор и проевропски политичар, Трајковски. Владата на Република Северна Македонија изразува достоинствена почит кон загинатиот претседател Борис Трајковски“, се вели во владиното соопштение.
Цвеќе положија и оддадоа почит прво сопругата на загинатиот претседател Борис Трајковски, Вилма Трајковска, а потоа и делегација од Кабинетот на претседателот на Северна Македонија, предводена од претседателот Стево Пендаровски, делегација од Собранието на Северна Македонија предводена од потпретседателот на Парламентот, Горан Мисовски и составена од пратеници од владеачкото мнозинство и од опозицијата во Собранието.
На вечното почивалиште на загинатиот претседател Трајковски, положи цвеќе и оддаде почит владина делегација во состав на Славица Грковска, заменичка на претседателот на Владата задолжена за политики на добро владеење, Ристо Пенов, министер за локална самоуправа и Беким Реџепи, заменик на министерот за транспорт и врски.
Исто така во Алејата на великаните во Бутел цвеќе положија и одадоа почит од делегација на Армијата на Северна Македонија предводена од генерал-мајор Азим Нуредин, заменик началник на Генералштабот; делегација од Сојузот на борци од НОАВМ, предводена од потпретседателот на Сојузот, Наум Буревски; претставници од фондацијата „Борис Трајковски“; повеќемина претставници од дипломатскиот кор во земјава, како и претставници на парламентарни политички партии во државава.
Владина делегација оддаде почит кон загинатиот претседател Борис Трајковски и во Струмица. На споменикот на поранешниот претседател Трајковски во неговиот роден град, цвеќе положија министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска и Борче Хаџиев, директор на Бирото за јавни набавки.
Државничка церемонија ќе има и во Ротимље, организирана од институции од Босна и Хецеговина и Северна Македонија, каде ќе положат цвеќе и ќе оддадат почит: делегација од Владата на Северна Македонија, предводена од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, како и Екрем Ебиби, амбасадор на Северна Македонија во Босна и Херцеговина и претставници од Амбасадата и претставници од Кабинетот на претседателот на Северна Македонија, Стево Пендаровски.
Како и секоја година, при одбележувањето годишнина од трагичниот настан во Ротимље, што се случи на 26 февруари 2004 година, ќе оддаде почит и ќе положи цвеќе и делегација на Босна и Херцеговина, годинава предводена од Ненад Нешиќ, министер за безбедност на Босна и Херцеговина, како и делегација од Град Мостар.

 

И Струмица денес ја одбележа годишнината од смртта на Трајковски. Пред споменикот „Македонија“ се поклонија членови на семејството Трајковски, пријатели, претставници на локалната самоуправа, политички партии и здруженија на граѓани и положија цвеќе.

Венци пред споменикот положи и владина делегација предводена од министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска и Борче Хаџиев, директор на Бирото за јавни набавкикако и членови на Европската федерација на карневалски градови (FECC), која престојува на Струмичкиот карневал.

За ликот и делото на претседателот Трајковски, зборуваше градоначалникот на Струмица, Костадин Костадинов.

– Борис Трајковски беше државник со многу доблести, но пред сè беше човек во вистинската смисла на зборот. Токму затоа велиме дека на денешен ден пред 19 години, изгубивме роднина, пријател, познаник, сограѓанин и претседател, кој со ретко видена мудрост и трпеливост, четири години ја вршеше највисоката државничка функција во земјата. Неговото раководење со земјава во еден извонредно тежок, сложен и сензитивен период за државата, остави неизбришливи траги во современата македонска историја. За него интересите на државата и интересите на граѓаните беа секогаш во преден план. Омилени дестинации му беа македонски градови и села, воспоставувајќи искрени и топли релации со граѓаните, но не збораваше и на релациите со високите државнички имиња од голем  број земји од сите светски меридијани – изјави градоначалникот Костадинов.

Во рамките на одбележувањето на годишнината од смртта на претседателот Трајковски, рецитатори од Домот за деца и млади „Благој Мучето“ од Струмица рецитираа пригодна поезија.

 

Поврзани содржини