📷 ДРЖАВНИОТ ВРВ НА СВЕЧЕНОСТ ВО СКОПЈЕ Македонија и САД заедно слават три децении партнерство
Државниот врв и високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ на свеченоста организирана од Амбасадата на САД.
Претседателката на државата, Гордана Сиљановска Давкова, премиерот Христијан Мицкоски, повеќе министри од Владата, како и градоначалници и функционери од ВМРО-ДПМНЕ вечерва беа дел од прославата по повод 30 години од воспоставувањето на дипломатски односи меѓу Македонија и Соединетите Американски Држави.
Настанот го организираше Амбасадата на САД во земјава заедно со министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски.
На свеченоста присуствуваа голем број државни и општински претставници, што уште еднаш го потврди значењето на партнерството меѓу двете земји.
Муцунски посочи дека од првите денови на независноста македонскиот народ чувствуваше дека САД стојат покрај него. Воспоставената соработката во повеќе области, укажа шефот на дипломатијата, постојано се унапредува.
– Денес славиме 30 години од воспоствувањето дипломатски односи меѓу нашата држава и САД, три децении на партнерство, кое му помогна на македонскиот народ да стане посилен послободен и поуспешен. Од првите денови на независноста македонскиот народ чувствуваше дека САД стојат покрај него. Во клучни мигови таа поддршка беше одлучувачка. Особено ја паметиме одлуката од 2004 година за признавање на нашето уставно име. Чин што остави длабока трага во срцата на македонскиот народ и потврди дека нашата демократија и нашата независност се важни. Нашата соработка доби институционална рамка со Декларацијата за стратешко партнерство од 2008 година, а во 2022 година во Вашингтон ја унапредивме со воспоставување на Стратешкиот дијалог, механизам кој отвора пат за подлабока соработка во безбедноста, економијата, енергетиката и образованието – рече Муцунски.
Амбасадорката на САД Анџела Агелер најави проширување на трговските врски, борба против корупцијата, модернизирана соработката во одбраната.
– Пред три децении САД и Република Северна Македонија формализираа партнерство засновано на доверба и заедничко почитување на демократските вредности. Оттогаш заедно му покажавме на светот што може да се постигне со сила, компромис и трпелива решителност. И покажавме како изгледа пријателството и соработката. Преку напорна работа, соработка и заемно почитување, билатералните односи се проширија низ владините институции и приватниот сектор. Нашите војници се обучуваа заедно во Криволак и се бореа рамо до рамо во Ирак и Авганистан. Американските академски програми и размените го зајакнуваат следното поколение претпримачи и граѓански лидери, додека американските инвестиции во Северна Македонија донесоа работни места, иновации и можности – рече Агелер.
Фотографии од прославата на социјалните мрежи објави градоначалникот на Кисела Вода и кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
„Од 1995 година, кога ги формализиравме билатералните односи, заедно покажавме дека со доверба, решителност и соработка можат да се постигнат слобода, безбедност и просперитет. Ова јубилејно одбележување е потврда дека партнерството меѓу Македонија и САД е силно, стабилно и насочено кон иднината исполнета со развој и нови можности. Пријателството со САД е мост кон сигурна и просперитетна иднина за Македонија“, напиша Ѓорѓиевски.