„ДРЖАВНИОТ ПРОБЛЕМ“ СТАНА ПРИБЕЖИШТЕ НА ФУНКЦИОНЕРИТЕ НА ДУИ и СДСМ Митева потсети на дивоградбата кај ТЦ „Мавровка“ (ВИДЕО)
Портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ сподели видео со изјави за дивоградбата и посетата на првиот човек на ДУИ на оваа кафеана.
ВМРО-ДПМНЕ денеска потсети како дивоградбата кај ТЦ „Мавровка“ од симбол на решеноста на владата да се бори со криминалот до место каде што престојуваат челниците на партиите од власта.
Портпаролката на партијата Марија Митева сподели видео со изјави за дивоградбата и посетата на првиот човек на ДУИ на оваа кафеана.
Коментирајќи го видеото Митева рече дека се што кажале луѓето од власт било манипулација.
– Празните зборови се одлика на Петре Шилегов, од се што до сега кажа и вети видовме спротивни дејствија. Случајот со дивоградбата кај ТЦ „Мавровка“ со месеци ја брануваше јавноста, особено по изјавите од надлежните институции дека не можат да го откријат инвеститорот на објектот. Објектот прво стана „државен проблем“ за потоа да стане „симбол за решеноста“ (на тогаш новата влада) која наводно ќе се бори против криминалот. Денес, е доказ дека институциите се окупирани и во оваа држава правото не важи еднакво за сите. Денес, можеме да заклучиме дека Шилегов го дефинираат ваквите дела кои јасно ја покажуваат неговата неискреност кон скопјани – рече Митева.
Според неа СДСМ и ДУИ владеат преку манипулации и самоволие.
– За ситни популистички поени неколку дена после формирањето на Владата правевте драма пред локалот во ТЦ „Мавровка“, за сега да има нов објект, кој никна како феникс од пепелта и во кој се прави пречек на партиски функционери. Сите институции, општината, Шилегов и Зоран Заев тогаш ја убедуваа јавноста дека не знаат кој гради без дозвола кај ТЦ „Мавровка“. Па, во „потрагата“ тогаш се вклучи и Единицата за економски и компјутерски криминал при СВР Скопје. Јавноста многу добро ги памети овие игри на СДСМ чија цел е да ја скријат реалноста. На изборите во октомври ќе можеме да ставиме крај на ваквиот начин на владеење. Да ставиме крај на градежното дивеење. Да избереме чесни луѓе кои стојат зад своите зборови и ветувања – рече Митева.