Државни стипендии за сите талентирани деца математичари – во спротивно, лесно ќе „пресметаат” дека не се за оваа тажна земја!
Дамјан Давков е суперталентиран осмоодделенец, кој се натпреварува на натпревари по математика со деца кои се две генерации постари од него. Го знам детето и го следам и лично, бидејќи секоја година заедно со син ми Кирил се во завршните борби на државните натпревари, со тоа што Кирил веќе 4 години редовно освојува прва или втора награда во својата генерација, а Дамјан редовно прва награда во категоријата на ученици две години постари од него.
Понатаму нема што да се додаде или одземе на темата. Сè е кажано.
Сакав и нешто друго да кажам. Сакав да кажам дека сум многу разочаран од ригидноста на министерката Царовска, од немањето капацитет да ја види пошироката слика, да им ги отвори вратите на овие деца, да им даде ветар во грб. Од неа очекував повеќе, но ете, излезе уште еден бирократ без никаков сенс.
И затоа тие деца си заминуваат од државата. Не само што немаат никакви бенефити тука, туку немаат никаква поддршка од државата, која да е саглам држава, ќе им додели ментори што ќе работат со нив на државен трошок, ќе организира математички школи и кампови на државен трошок, ќе им додели стипендии по службена должност, а не родителите да молат и да коленичат по шалтери за нешто што државата треба да го препознае и награди.
Тажна е оваа наша Северна, другари, без никаков однос кон таленираните деца. Нашиот политички естаблишмент е преокупиран со сопствените кариери и фокусиран на полнењето на сопствените џепови.
Талентираните деца, кога ќе станат полнолетни, заминуваат во странство и никогаш не се враќаат. Македонија реално и не ги заслужува.
ПС. Вкупниот број талентирани деца математичари од сите генерации не е поголем од 50 во целата држава. Сите без исклучок треба да добијат државни стипендии и ментори кои ќе работат со нив. Тоа е вистинскиот чекор што треба да го направи министерката Царовска, а не да мафта наоколу со документи дека сè е законски.
(ФБ статус на авторот, насловот е редакциски)