ДРЖАВНИ ПАРИ, НАФТА И НАДЗОР ЗА ГРАД СКОПЈЕ Опозицискиот СДСМ предложи три итни мерки, но не за ЈСП, туку за Градот
Предлагаме Владата да обезбеди 2,5 милиони литри евро-дизел од државните резерви на нафта, кои би биле доволни за функционирање на јавниот превоз до крајот на 2024 година, рече денеска Љубица Јанчева, координаторка на советничката група на СДСМ во Советот на Град Скопје.
Не е време за политички препукувања – време е за носење итни, разумни одлуки за решавање на проблемите со кои се соочуваат граѓаните на Скопје, но и сите останати граѓани кои секојдневно престојуваат во Скопје, рече денеска Љубица Јанчева, координаторка на советничката група на СДСМ во Советот на Град Скопје.
Таа предложи три мерки, кои повеќе се однесуваат на Град Скопје како локална самоуправа која е во криза, отколку на ЈСП како градско сообраќајно претпријатие во криза.
Автобусите на ЈСП деновиве возеа редуцирано, а од денеска речиси и да нема автобуси на скопските улици, затоа што претпријатието нема нафта.
– Денес сме тука за да ги презентираме нашите конкретни предлози за надминување на кризата во која се наоѓа Град Скопје. Состојбата е алармантна – јавниот превоз не функционира, сведоци сме на преполни контејнери, смет насекаде, а основните услуги што ги заслужуваат граѓаните се целосно запоставени. Ги повикуваме ВМРО-ДПМНЕ и Данела Арсовска да се вразумат и да престанат да се инаетат на грбот на скопјани – рече Јанчева на прес-конференција во седиштето на СДСМ.
Според неа, советничката група на СДСМ и коалицијата демонстрира зрелост и лидерство во овие тешки моменти и затоа изнесува, како што рече, неколку разумни предлози за надминување на кризата во Скопје.
– Ви ги претставуваме трите предлози што сметаме дека се клучни за надминување на кризата. Прво се измени и дополнување на Законот за финансиска поддршка на општините и јавните претпријатија основани од нив. Овој закон беше донесен во 2018 година од нашата Влада, кога беа сервисирани долговите на општините, вклучително и долгот на Град Скопје од над 30 милиони денари. Предлагаме Собранието по скратена постапка да усвои измени за да се обезбеди финансиска стабилност на Град Скопје. Нашите пратеници ќе го поднесат овој предлог – рече Јанчева.
Втор предлог на СДСМ е Владата итно да донесе одлука за доделување субвенции, односно да одвои евродизел гориво од државните резерви за нафта.
– Предлагаме Владата да обезбеди 2,5 милиони литри евро-дизел од државните резерви на нафта, кои би биле доволни за функционирање на јавниот превоз до крајот на 2024 година. Ова е мерка што мора да се реализира веднаш, за да се стави крај на агонијата со јавниот превоз – рече таа.
Третиот предлог е во врска со контрола над Град Скопје.
– Предлагаме, пратениците во Собранието да иницираат свикување на надзорна расправа за состојбата во Градот Скопје. Одржувањето на надзорната расправа би било по примерот на претходните расправи за прашања од јавен интерес. Собранието, како суверен претставник на волјата на граѓаните, има легитимно право да расправа за овие прашања. Се работи за доброто на сите граѓани, а не за мешање на надлежностите – рече Јанчева.
Таа додаде дека овие предлози се реални, остварливи и насочени кон доброто на граѓаните.
– Потребно е обединување на сите политички субјекти за доброто на Скопје, кое не смее повеќе да биде жртва на политички битки. ВМРО-ДПМНЕ и Данела Арсовска мора да ја преземат својата одговорност и да почнат да работат за доброто на граѓаните. СДСМ и коалицијата покажуваат и докажуваат дека се коалиција која нуди решенија. Нашата заложба е јасна: скопјани заслужуваат град кој функционира, град кој обезбедува основни услуги, град кој го штити достоинството на своите жители. Нема да дозволиме да бидеме параван за лошите политики што го уништуваат нашиот град. Повикуваме на разум, обединување и заедничка акција – рече членот на Советот на Град Скопје од СДСМ Љубива Јанчева.