ДРЖАВНИ ПАТИШТА ГИ ОТФРЛА НАВОДИТЕ НА МИНИСТЕРОТ НИКОЛОСКИ Директорот се пофали дека лани имале рекордни приходи од патарини
Ејуп Рустеми, директорот на Јавното претпријатие за државни патишта соопшти дека им стои на располагање на сите надлежни институции за секаков вид проверки и ревизии работењето, за, како што вели, уште еднаш да се потврди законското работење преку реализација на Годишните програми за работа во изминатиот период за што сведочат и резултатите на претпријатието.
„Апелираме да не се изнесуваат невистини и шпекулации во јавноста поврзани со работењето на ЈПДП и неговиот менаџмент, затоа што ваквите невистини штетат на угледот на самото претпријатие, на раководните лица и на сите вработени. Јавното претпријатие за државни патишта е институција којашто заслужува најголема почит заради нејзините резултати во изминатиот период затоа треба да се стави на страна од дневнополитичките агенди“, се наведува во реакцијата на Рустеми откако вчера министерот за транспорт и врски Александар Николоски го повика Обвинителството да ја преиспита работата на ова претпријатие.
Рустеми вели дека изминатиов период ЈПДП има реализирани рекордно ниво на капитални инвестиции во патната инфраструктура, сѐ со цел за подобрување на патната мрежа, на автопатското поврзување, на одржување и унапредување за безбедно одвивање на сообраќајот низ целата држава.
„Минатата година регистрирано е рекордно ниво на приходи од патарини, а воведена е електронскa наплата на патарини. Направени се големи зафати за редовно одржување на патиштата: чистење, кастрење на вегетацијата и слично, за поголема безбедност и сигурност на сообраќајот. Конечно, минатата година започна со реализација и најголемиот инфраструктурен проект во историјата на современата македонска држава, тоа се европските Коридор 8 и Коридор 10д. Во сите овие реализирани проекти, од страна на ЈПДП и менаџментот, испочитувани се сите законски процедури, за коишто има и соодветна документација. Од друга страна, пак, за сето ова, навремено, транспарентно и отчетно е информирана јавноста, и тоа во сите фази од реализацијата на проектите на коишто работело претпријатието“, наведува Рустеми и додава дека изнесените тврдења по наодите на Државниот завод за ревизија, за наводни нерегуларности во работењето на Јавното претпријатие за државни патишта, ги отфрла како неточни и неосновани и дека се „со впечатлива политичка позадина“.