ДРЖАВНИ ОДЛИКУВАЊА ЗА ПАНДЕВ, ПАНЧЕВ, НАУМОСКИ, АНТИЌ, „ЗЛАТНИТЕ“ ОД ВАРДАР И КОМЕТАЛ Владата ги награди хероите кои ни донесоа спортска слава

Според последните измени во Законот за спорт, ова признание се доделува на македонски државјани кои имаат освоено златен медал или прво место на официјално европско или светско сениорско клупско првенство во екипни олимписки спортови, како и на оние што поставиле европски или светски рекорди на официјални меѓународни натпревари.

1,390

На свечена церемонија организирана во Владата на Република Македонија, премиерот Христијан Мицкоски и министерот за спорт, Борко Ристовски, доделија Национални признанија за врвни достигнувања во спортот на 19 истакнати спортисти од екипни спортови, чии успеси оставија длабока трага во македонската спортска историја.

– Денес не зборуваме само за спорт. Зборуваме за пожртвуваност, за истрајност, за достоинство и љубов кон татковината. Државата денес им се поклонува на своите најгорди амбасадори – спортистите кои со години ја носеа Македонија во срцето, на грбот и на терените, арените и подиумите ширум светот – изјави премиерот Христијан Мицкоски.






Тој нагласи дека Националното признание не е само формалност, туку длабок чин на искрена и заслужена почит.

– Ова е признание за животен подвиг на луѓе кои не барале ништо, а дале сѐ. Луѓе што ги претворија соништата во резултати, а резултатите во национална гордост – додаде Мицкоски.

На листата на одликувани се фудбалските легенди Горан Пандев, Дарко Панчев и Илија Најдоски, кошаркарите Петар Наумоски и Перо Антиќ, ракометарите што ја донесоа машката Лига на шампиони во Скопје со Вардар – Стојанче Стоилов, Петар Ангелов, Марко Мишевски, Марко Кизиќ, Владо Недановски и Мартин Поповски, како и „златните девојки“ од Кометал Ѓорче Петров – Елена Ѓоргиевска, Гордана Нацева, Мирјана Чупиќ, Милева Велкова, Анжела Платон, Лариса Кисељова, Елена Златановска Муратовска и Клара Боева – кои пред 23 години ја освоија женската Лига на шампиони.

Во име на наградените, со благодарност до Владата и Министерството за спорт се обратија Горан Пандев, Петар Наумоски и Гордана Нацева, изразувајќи чест и задоволство што нивната кариера е препознаена со ваков вид признание.

– Со оваа одлука, државата воспоставува нов принцип – врвниот спортски успех мора да се вреднува, не само во моменти на еуфорија туку и низ целиот живот. Овие признанија се доживотни – потенцираше премиерот Мицкоски.

Според последните измени во Законот за спорт, ова признание се доделува на македонски државјани кои имаат освоено златен медал или прво место на официјално европско или светско сениорско клупско првенство во екипни олимписки спортови, како и на оние што поставиле европски или светски рекорди на официјални меѓународни натпревари.

Ова признание претставува симбол на државната почит кон спортисти кои постигнале врвни резултати, особено оние чии достигнувања досега не беа институционално вреднувани.

Поврзани содржини