Епидемиолошкиот тим од Институтот за јавно здравје направи епидемиолошка анкета на 67 лица кои имале контакт со двајцата вработени во бифето на првата зграда во кругот на МВР кои се позитивни на коронавирус. Направена е и дезинфекција на сите работни простории во зградата, соопшти Министерството за внатрешни работи (МВР).
„Во извештајот кој денеска го добивме од епидемиолошкиот тим преку анкетниот прашалник утврдено е нивото на ризик кај анкетираните, при што кај пет лица е утврдено средно ниво на ризик, а меѓу нив е и државниот секретар во МВР г-ѓа Магдалена Несторовска. Петте лица одат во самоизолација во домашни услови во рок од 14 дена од последниот контакт со лице позитивно на ковид-19, за останатите анкетирани 62 лица кои се проценети со низок ризик се препорачува задолжително носење на респираторна маска/заштитна маска за целото време на работниот процес. Тие може да се вратат на работно место“, соопшти МВР.
Министерството за внатрешни работи и во оваа прилика апелира до сите вработени за правилна и постојана употреба на лична заштитна опрема, одржување на соодветно растојание, често миење и дезинфекција на раце. Во канцелариите каде се сместени вработените, постојано да се врши проверување на просториите, а вработените задолжително да носат лична заштитна опрема додека се на работното место.