Државна матура ќе се полага на 5 и 11 јуни

Екстерно ќе се полагаат 2 предмети, 2 интерно и проектна задача. Задолжителен за сите е мајчиниот јазик.

226

Државна матура годинава ќе полагаат 15.294 ученици. Тестирањето ќе се реализира на 5 и 11 јуни за сите ученици и на 25 и 28 јуни за оние што биле болни. Ќе се полагаат 2 предмета екстерно и 2 интерно со проектна задача. Задолжителен за сите е мајчиниот јазик.

Ова денеска го соопшти  Државниот испитен центар од каде што информираа дека за полагање државна матура се пријавени 15.294 матуранти. Од нив 7.050 од гимназиско образование, 7.983 од средно стручно образование и 261 од средно уметничко образование.






„На 5 јуни ќе се полага задолжителниот предмет. Македонски јазик и литература ќе полагаат 10.848 кандидати, албански јазик и литература 4.078, а 272 турски јазик и литература. На 11 јуни ќе се полага англиски јазик, германски јазик, француски јази, руски јазик, математика, естетика и филозофија. Англиски јазик пријавени се да полагаат 13452 матуранти, германски јазик 140, француски јазик 32, руски јазик 18, математика 1529, филозофија 14 и естетика 66 матурани“, соопштија од Државниот испитен центар.

На македонски наставен јазик се пријавени да полагаат вкупно 10.886 матурани, на албански наставен јазик 4.134 и на турски наставен јазик 274.

Дополнителните термините за полагање на матурантите кои на денот кога се реализираат екстерните испити од државната матура се болни од ковид или се во самоизолација се:

„25 јуни кога ќе се полага македонски јазик и литература, албански јазик и литература и турски јазик и литература и 28 јуни кога ќе се полага математика, англиски јазик, француски јазик, германски јазик, руски јазик, филозофија, естетика“, стои во соопштението.

Сите испити ќе се реализираат согласно Протокол за постапување на средните училишта при реализација на испитите од државната матура за учебната 2020/2021 година.

Во процесот на реализација на матурата во училиштата се ангажирани и околу 2000 наставници како тестатори и околу 300 набљудувачи.

Резултатите ќе бидат објавени во рок од 30 дена од последниот екстерен испит.

Поврзани содржини