ДРЖАВНА ЛОТАРИЈА НЕМАЛА ПАРИ ЗА ИСПЛАТА НА ДОБИВКИ, НИ ПОКРИТИЕ ЗА 2 МИЛИОНА ЕВРА Ревизорите откриле дека 750.000 евра од дневниот пазар не биле уплатени на сметка

Интересно е што ова државно Друштво немало благајник и шеф на сметководство, па трансакциите ги вршел директорот на секторот финансии и сметководство.

1,310

Државниот ревизор утврдил сериозни неправилности, сомнителни исплати на добивки и злоупотреба на пари во износ од 1,98 милиони евра во работењето на Државна лотарија во 2024 година. Утврден е и недостиг на контроли и внатрешна ревизија кои кај ревизорот предизвикале сомнеж за злоупотреби.

Ревизорите откриле нелогични трансакции во износ од над 122 милиони денари (1.987.377 евра). Тие откриле и дека дневниот промет добиен во готово не се уплаќал редовно на сметките во деловните банки.






Според ревизорите, уплатите од различни игри на среќа од 10 продажни места на Државна лотарија кој изнесува речиси 750.000 евра, не бил уплатен во законски рок на платежните сметки на Државна лотарија во банките, а бидејќи не постои валидна сметководствена евиденција можно е да бидат и злоупотребени.

Според ревизорите, во текот на ланската година на два пати (во април и на крајот на 2024 година) се префрлени пари со назнака „дневен пазар“, но тие пари не биле од дневните уплати, туку биле префрлани пари од една на друга сметка на Друштвото уплатени во друг период.

Интересно е што ова државно Друштво нема благајник и шеф на сметководство, па трансакциите ги вршел директорот на секторот финансии и сметководство. Тој директно ги исплаќал и авансите на деловни соработници (320 лица) за исплати на мали добивки од близу 230.000 евра. Притоа уплатите на ист човек се вршеле преку благајна и преку Мастер дилер, а поради недоволна евиденција и документација, ревизорите се сомневаат на злоупотреби.

Ревизорите констатирале дека неисплатениот фонд на добивки за инстант лотаријата застапена со 12 различни вида инстант лозови со добивки од пари и предмети, е во висина од 63.294.000 денари (повеќе од 1 милион евра), па била доведена во прашање и  можноста за исплата на идните добивки.

За 3 инстант игри со добивки како станови, автомобили и електрични скутери, ревизорите утврдиле дека нема воспоставена сметководствена евиденција за набавените добивки, со можност за неосновано присвојување, набавките се вршеле од 2 до 15 месеци пред време, пред да одобри Министерството за финансии, а не се евидентирани трошоци за набавка на предмети во висина од по околу 600.000 евра за 2023 и за 2024 година.

Ревизорите утврдиле и дека неточно е пресметан и уплатен данокот на добивка, бидејќи неточно е утврдена даночната основа.

За реклами во 2024 година Државната лотарија дала околу 3,6 милиони евра, а за 1,2 милиони евра нема документација за потврдена услуга.

Ревизорите откриле и дека Државна лотарија дала високи суми и за продукција на забавни емисии на државната телевизија, но не можеле да утврдат дали такви емисии се снимени и прикажани.

Ревизорите откриле и непочитување на законот за јавни набавки во Државна лотарија, а за набавките на дел од нив компјутери, телевизори, агрегати, клими, системи за надзор, нема документација.

Исто така при доделувањето, користењето и известувањето за доделените спонзорства и донации до страна на друштвото не се постапувало согласно законската регулатива.

Државна лотарија дала заеми на акционерски друштва во државна сопственост и на јавно претпријатие во општинска сопственост што според ревизорите, може да влијаат на ликвидноста на друштвото.

Утврдени се неправилности и во управувањето и користењето на објектите земени под закуп, нерационално користење на јавни средства за закуп, нивна реконструкција и реновирање, како и отсуство на сметководствена евиденција за вложувањата во туѓи средства.

Ревизорите забележале и дека од април 2024 година имотот и средствата на друштвото не се осигурени од пожар и други елементарни непогоди.

Загрижувачки е и податокот дека за 2024 година не е избрано правно лице – овластен ревизор и не е извршена ревизија на финансиски извештаи со годишниот извештај за работа на друштвото, поради што не постои надворешна потврда за точноста и веродостојноста на податоците во сметководствената евиденција и во финансиските извештаи.

Со 75 лица склучени биле договори на дело и исплатени биле средства по тој основ, иако ангажираните лица не доаѓале на работа и не извршувале работни задачи.

Ревизорите утврдиле и дека не се воспоставени внатрешни контроли во целокупното работење на друштвото, поради што не е воспоставен ефикасен систем за управување со ризиците и постои сомнеж од злоупотреба на јавни средства.

Поврзани содржини